Филипче: Не знам дека имало инцидент. – Вакцинација без закажување, метеж пред пунктовите

Денеска започна вакцинацијата против Ковид-19 без закажан термин во земјава.

Вакцинацијата во земјава се oдвива со вакцините „Фајзер“, „АстраЗенека“ и „Синовак“.

Google search engine

Од Министерството за здравство изјавија:

„За вакцинација доволно е само желба и задолжителен документ за идентификација за здравствените работници да ги запишат вашите податоци и да бидете евидентирани во системот Мој термин“.

Поради тоа утрово граѓаните пристигнале пред вакциналните пунктови во Скопје, а таму се забележувал метеж, а од фотографиите пак видливо е дека нема ни одржување на физичка дистанца, пренесува „Радио Моф“.

Од денеска исто така започна и теренската вакцинација низ помалите македонски населени места каде преку мобилни пунктови на граѓаните ќе им биде овозможено да се вакцинираат и ревакцинираат.

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска беше во посета на поликлиниката во Шуто Оризари каде е отворен нов пункт за вакцинација, па изјави дека има интерес за вакцинација.

Во однос на метежот кој се забележан, Филипче изјави:

„Претпоставувам дека граѓаните сакаат да завршат работа порано додека е студено. Не знам дека имало инцидент. Се надевам дека нема да има. Мислам дека е добар систем да продолжиме без закажување за да биде што поголем интересот, пристапот, граѓаните во кој било дел од денот да можат да дојдат и да не бидат вратени и да се вакцинираат. Ќе разговарам со директорите на сите здравствени домови да видиме како да се организира редот. Ние сè уште ги користиме ресурсите на Армијата и имаме механизми со кои можеме да направиме таков ред“, пренесува „Слободен Печат“.

Фото: „Вечер Прес“.