Филипче: Има тренд на опаѓање на бројките на новозаразени, очекуваме спласнување на овој бран

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изјави дека денеска има под 900 новозаразени, а факторот на преносливост е намален под единица.

„Има тренд на опаѓање на бројките на новозаразени со коронавирус“, изјави министерот, изразувајќи очекување дека ќе продолжи да спласнува овој бран на епидемијата.

Google search engine

Филипче додаде и дека се намалува и факторот на преносливост на вирусот, а посочи дека почнува да се смирува и ситуацијата во Тетово, пренесува „360 степени“.

„Имајќи ги предвид досегашните искуства со претходните бранови на Ковид-19, очекуваме да продолжи трендот на опаѓање на бројките на новозаразени, кој е присутен веќе неколку денови наназад. Денеска имаме под 900 новозаразени, а факторот на преносливост е намален под единица, односно засега е 0,9. Исто така, постепено се стабилизира ситуацијата во Тетово, кој беше еден од најсилно погодените градови во овој бран“, рече Филипче.

Министерот оцени дека е добар пристапот на Владата во однос на имунизацијата и дека земјава бележи најголем раст на вакцинирани во регионот. Како градови во кои има најмногу вакцинирани ги посочи Охрид, Кавадарци, Неготино и Ресен и додаде дека болниците се преоптоварени од невакцинирани пациенти.

Филипче рече и дека учебната година утре почнува со физичко присуство на територијата на целата државата и дека внимателно ќе се следи епидемиолошката ситуација и ако е потребно ќе се преземат дополнителни мерки.

Во ресторани ќе биде дозволен влез само со две примени дози вакцина, експертите подготвуваат нови мерки

Експертите за имунизација подготвуваат укинување на дозволениот влез во ресторани и на настани за лица кои примиле само една доза од вакцината за заштита од Ковид – 19. Влезот ќе биде дозволен само за комплетно вакцинирани лица.

Министерот за здравство Венко Филипче, денес најави дека оваа мерка ќе почне да се применува откако ќе биде оставен доволен период за граѓаните да ја комплетираат вакцинацијата.

„Експертите за имунизација имаат работни состаноци, во некој период, а ќе се остави најмалку еден месец, како критериум за јавни настани ќе биде потребно граѓаните да се целосно имунизирани. Тоа ќе се воведе по соодветна анализа на бројот на имунизирани граѓани со една доза и анализа на потребниот период за втора доза“, рече министерот Филипче.

Целта и на ваквото заострување на мерките, министерот Филипче вели дека е што поголем број граѓани да се вакцинираат.

Мерката само вакцинирани со барем една доза да можат да влегуваат во ресторани, на јавни настани и во трговски центри стапи на сила на 16 август.