Европската унија воведува црвени зони на епидемиолошката мапа: Патниците по враќањето ќе мора да одат во карантин

Претседателката на Европската комисија Урсула Фон Дер Лејен најави воведување на нова ознака на епидемиолошката мапа на Европа – темно црвени зони од кои патниците пред заминување ќе мора да се тестираат, а по пристигнувањето на својата дестинација да одат во карантин.

„Со темно црвена боја би се означувале зоните во кои циркулацијата на вирусот е на исклучително високо ниво“, изјави Фон Дер Лејен по завршувањето на самитот на лидери на Европската унија во Брисел кој беше посветен на воведување на мерки во сузбивањето на пандемијата на коронавирусот.

Google search engine

Таа како пример го наведе случајот дека во една земја членка на Европската унија во пограничното подрачје се затворени границите, а отворени се во соседната со иста епидемиолошка ситуација.

„Во тој случај, сите од првата земја би отишле да пазарат во другата и така придонесуваат во ширењето на вирусот“, изјави претседателката на Европската комисија.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел изјави дека лидерите на земјите членки се согласуваат дека е потребно да се разгледуваат можностите за воведување на ограничување на патувања кои не се потребни.

„Уверени сме дека, кога станува збор за патувањата кои не се потребни, рестрикциите треба да се разгледаат“, изјави Мишел и додаде дека границите мора да останат отворени поради нормалното функционирање на единствениот пазар.