Европската комисија денеска издаде препорака за странските државјани кои се целосно имунизирани и граѓаните од земјите со поволна епидемиолошка ситуација, да им биде дозволено патувањето во земјите од Европската унија без посебни ограничувања од почетокот на јуни.
„Европската комисија предлага да се дозволи влез во ЕУ од не-есенцијални причини, не само за сите лица кои доаѓаат од земјите со добра епидемиолшка ситуација, туку на сите луѓе кои ја примиле последната препорачана доза од вакцината одобрена од ЕУ“, стои во соопштението на Европската комисија.
Како што е наведено, ова би можело да биде проширено и на вакцините кои ја имаат завршено постапката на одобрување во Светската здравствена организација за итна употреба.
Комисијата, меѓутоа го задржа за себе правото да „повлече сопирачка“ и да ја промени одлуката доколку тоа биде потребно, односно доколку поради новите мутации на коронавирусот се влоши ситуацијата.

Исклучок од ова правило би биле медицинските работници, лицата кои работат во транспортот, дипломатите, транзитните патници, оние кои патуваат од семејни причини, морепловците и луѓето на кои им е потребна меѓународна заштита. Тие ќе бидат тестирани и сместени во карантин, дури и ако се вакцинирани.
Од Комисијата соопштија дека границите на ЕУ ќе бидат отворени најдоцна на почетокот на јуни и предложи да се подигне границата која се однесува на бројот на нови случаи на коронавирус кој се користи за одредување на листата на земји од кои би требало да бидат дозволени сите патувања.