Во Австрија и натаму драматично расте дневниот број на новозаразени кој во последните 24 часа достигна нов рекорд од 13.152 нови случаи на коронавирус.
Ова е воедно и најголемиот број на новозаразени од почетокот на пандемијата на коронавирусот во земјата. Исто така бројот на починати од Ковид-19 во последните 24 часа е значително поголем и изнесува 48 лица.
Бројот на хоспитализирани пациенти од Ковид-19 се зголемил за 12, а сега вкупно во болниците се лекуваат 2.292 лица заразени со Ковид-19.
Од тој број 421 се наоѓаат на интензивна нега, каде дошло до намалување на бројот за 15.
Главното жариште во Австрија и натаму е покраината Горна Австрија со 3.239 нови случаи, а потоа следува Долна Австрија со 2.075 случаи.
„Со тешко срце одлучивме да го преземеме овој чекор“, рече австрискиот канцелар Александер Шаленберг по денешниот владин состанок.
Според одлуката, која има за цел да го намали брзиот пораст на бројот на заразени лица со ограничување на социјалните контакти, но и да убеди што поголем број жители да се вакцинираат, лицата кои не се вакцинирани или не прележале Ковид-19 можат да го напуштат станот само во исклучителни случаи како пазарење, посета на лекар или аптека и одење на работа.
Оваа мерка засега е ограничена на десет дена, а според владините податоци, истата ќе опфати околу два милиона австриски граѓани.
Шаленберг објасни дека седумдневната инциденца меѓу невакцинираните била над 1.700.

„Сега треба да се потрудиме да ја зголемиме срамно ниската стапка на вакцинација. Со стапката на вакцинација што ја имаме сега, никогаш нема да излеземе од магичниот круг“, посочи канцеларот.
Тој најави дека мерката за заклучување ќе биде системски контролирана. Во Австрија во моментот 65 отсто од граѓаните се целосно вакцинирани.
За невакцинираните веќе важат строги правила кои го ограничуваат пристапот до угостителските, спортските и културните објекти.
Инаку, Австрија го применува „3G“ правилото на работното место така што доколку лицата не се вакцинирани или пак немаат прележано Ковид-19 нема да можат да работат, односно ќе мора секој втор ден да се тестираат.