Европа ја забележа највисоката температура во историјата пред неколку дена. Регионалните власти на италијанскиот остров Сицилија во средата регистрираа 48,8 степени Целзиусови, што го собори претходниот рекорд од 48 степени, што беше регистриран во Атина во 1977 година.
Овој рекорд е последниот настан без преседан во екстремното лето низ северната хемисфера. Во последниве месеци, делови од Северна Америка, Европа и Блискиот Исток забележаа рекордна топлина – што доведе до големи пожари, додека голем број земји, вклучувајќи ги Германија, Индија и Кина, се соочија со смртоносни поплави.
Пред неколку дена, извештајот на ОН за климата заклучи дека луѓето се главниот двигател на зголемените епизоди на екстремни горештини низ целиот свет и дека таквите настани и понатаму ќе бидат се поверојатни и се поинтензивни.
Истражувањето на Метеоролошката служба на Велика Британија, исто така, посочи дека ризикот од температура од 40 степени расте со голема брзина во земјата, која ја забележа највисоката температура за време на топлотниот бран во 2019 година – кога беше 38,7 степени.
Професорот Питер Стот, еден од авторите на студијата и водечки експерт за екстремни временски услови во Мет службата, предупреди дека делови од Европа треба да бидат подготвени за потенцијални 50 степени, додека климатските промени се влошуваат.
Не можеме точно да кажеме кога ќе се случи ова, но Европа треба да се подготви за соборување на рекордот, а во Европа се можни температури над 50 Целзиусови степени – рече тој.
Тој додаде дека овие високи температури се можни во близина на Средоземното Море, каде што влијанието на топол воздух од Северна Африка е најсилно, пренесува Independent.
И покрај тоа што научниците упорно ги повторуваат предупредувањата, многу европски земји, како Италија и Обединетото Кралство, не прават доволно за да се подготват за рапидно растечката екстремна топлина.
Шпанија вчера го забележа најтоплиот ден во годината, а според медиумите, попладнево се измерени дури 46,5 степени Целзиусови во градот Екија во провинцијата Севилја. Тоа е сепак помалку од рекордот во јули 2017 година во Кордоба, кога беа измерени 46,9 степени.
Во јужната шпанска провинција Гренада, каде што скалата достигна 45,4 степени, само неколку луѓе беа надвор, пренесува Сари Комета.
Доминик Рој, климатолог на Универзитетот во Сантијаго де Компостела, рече дека топлиот воздух од пустината Сахара, кој донесе топлина и поттикна стотици пожари низ медитеранските земји, не покажува дека наскоро ќе престане.
Топлотниот бран што го доживуваме сега е многу екстремен, и многу луѓе велат дека е нормално затоа што е лето. Но, не е, не да е толку топло – рече Рој.
Властите во Италија изразија загриженост за постарите лица и другите луѓе кои се во опасност со воведување предупредувања за топлина во 16 градови.
Метеоролозите предвидоа температури од околу 45 степени Целзиусови за градовите Сицилија, Палермо и Катанија, и 37 степени Целзиусови за Рим, Фиренца и Болоња.
Италијанците побараа одмор во морето и во планините од соодветно именуваниот антициклон Луцифер, кој носи топол воздух од Африка.