Британскиот премиер Борис Џонсон за денеска свика итен состанок на владината канцеларија за вонредни ситуации на кој ќе се разговара за меѓународниот сообраќај, посебно за товарот кој влегува и излегува од Велика Британија.
Претходно во текот на вчерашниот ден неколку европски земји ги затворија вратите за патниците од Велика Британија откако земјата ги заостри мерките во Лондон и на југот на земјата со цел да се сузбие ширењето на новиот вид на коронавирус.
Портпаролката на британската Влада соопшти дека премиерот Џонсон ќе претседава со итниот состанок на кој ќе се разговара за меѓународните патувања и посебно за товарниот сообраќај од и во Велика Британија.
Британскиот министер за сообраќај, Грант Шапс истовремено ги повика сонародниците, посебно превозниците да не патуваат на пристаништето во Кент на југот на Англија, предупредувајќи дека се очекуваат значајни пореметувања на сообраќајот на тоа подрачје.
„После најавата на француската Влада дека нема да прифати ниту еден патник кој во следните 48 часа ќе пристигне од Велика Британија, ја повикуваме јавноста и посебно превозниците да не патуваат на пристаништето во Кент, ниту во други правци кон Франција“, напиша Шапс на „Твитер“.
Слични мерки како Франција воведоа и Ирска, Германија, Австрија, Бугарија, Холандија, Италија, Хрватска, Чешка и Белгија, а им се приклучуваат и бројни други земји од Европа, но и од целиот свет.
Забраната би можела да ја воведе целата Европска унија затоа што деновиве траат консултациите за заедничкиот одговор на железничките, поморските и патните врски со Велика Британија.