Самитот заврши без никакви заклучоци за земјите од Западен Балкан, потсетуваат дипломатите.
Тројцата челници на ЕУ, Шарл Мишел, Емануел Макрон и Урсула фон дер Лајен, кои требаше да одговорат на новинарски прашања, одлучија во последен момент да ја откажат прес-конференцијата. Ова беше првиот знак дека состанокот не поминал според очекувањата на ЕУ и француското претседателство.
Што се однесува до Македонија, по повеќедневно неизјаснување за францускиот предлог за кревање на ветото кон Македонија и Албанија, премиерот Димитар Ковачевски, вчера и официјално соопшти дека предлогот што Париз го стави на маса за надминување на спорот со Бугарија во нацрт преговарачката рамка е неприфатлив.
Критиките на земјите од регионот беа бројни: Босна и Херцеговина и Косово и натаму се без статус кандидат додека ЕУ го додели овој статус на Украина и Молдавија, кои до пред три месеци не беа дел од политиката на проширување. Србија е под притисок да се усогласи со санкциите против Русија, Албанија не напредува поради инсистирањето на ЕУ да биде врзана за Македонија, а пак, Македонија доби предлог неприфатлив за било која партија или институција.
По повеќе дена неизвесност во јавноста, премиерот Димитар Ковачевски, вчера и официјално соопшти дека предлогот што Париз го стави на маса за надминување на спорот со Бугарија во нацрт преговарачката рамка е неприфатлив за Северна Македонија.
„Предлогот на француското претседателство за деблокада на нашиот европски пат во ваква форма, каква што е во моментов, е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за Владата, за коалициските партнери и за граѓаните на Северна Македонија“, изјави премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама во Брисел вчера.
Тој ги повтори клучните елементи под кои би бил прифатлив предлогот – чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, историските прашања не можат да бидат критериуми во преговарачката рамка, преговорите помеѓу Македонија и ЕУ мора да почнат пред отпочнувањето на постапката за уставните измени за вклучување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во преамбулата на Уставот и цврсти гаранции и од Бугарија и од ЕУ дека Софија нема да условува со нови барања надвор од она што ќе биде договорено во преговарачката рамка и билатералниот протокол, кој се уште не е усогласен со бугарската страна.
Фрустрираност изразија и албанскиот премиер, Еди Рама и српскиот претседател, Александар Вучиќ, како поради блокадата на Македонија, така и поради нивните сопствени пречки на патот кон ЕУ.
На крајот на вчерашниот ден се огласи францускиот претседател, Емануел Макрон, кој, и покрај одбивањето на Македонија, останува уверен дека е можен договор до крајот на овој месец.
„Со Северномакедонците во следните часови ќе разгледува начин да се склучи договорот, за до идната недела да помине на амбасадорско ниво и да се деблокира процесот“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.