Светскиот пазар има потреба од руска нафта. Не постои производител во светот кој може да ги замени руските производи, изјави министерот за енергетика на Обединетите Арапски Емирати Сухаил ал Мазруи, информира Ројтерс.
Тој рече дека Организацијата на земји извознички на нафта ОПЕК + треба да остане заедно, да остане фокусирана и да не дозволи политиката да го одвлече вниманието на групата.
(Десет земји кои не се членки на ОПЕК се приклучија на ОПЕК за да го формираат ОПЕК + кон крајот на 2016 година за да имаат поголема контрола на глобалниот пазар на сурова нафта. Овие земји беа: Азербејџан, Бахреин, Брунеи, Казахстан, Малезија, Мексико, Оман, Русија, Јужен Судан и Судан)
Министерот додаде дека ОАЕ ќе работат заедно со ОПЕК за да се обезбеди безбедност на енергетскиот пазар. ОАЕ се обидуваат да направат се што е можно за да го зголемат својот капацитет на 5 милиони барели, но тоа не значи дека планира да го напушти ОПЕК + или да направи нешто еднострано, додаде тој.
Од почетокот на војната во Украина, голем број земји воведоа санкции кон Русија и презедоа чекори за ставање крај на енергетската зависност од најголемата и најбогата земја во светот со природни ресурси.