Во првите извештаи од Украина се наведува дека руската армија употребила „отровна материја од непознато потекло“ во нападот врз опколениот град Мариупол против цивили.
Според The Guardian, жртвите имале вестибуло-атактичен синдром и проблеми како – вртоглавица, повраќање, нарушувања на видот и губење на рамнотежа. По овие информации веднаш се појавија обвинувања дека се работи за напад со хемиско оружје.
Министерката за надворешни работи на Велика Британија, Лиз Трас кажа дека тие веднаш покренале истрага, додека портпаролот на Пентагон кажа дека извештаите се „длабоко загрижувачки доколку се вистинити“.
Но, некои се скептични за целата приказна. Видеото од наводниот хемиски напад беше објавено во вторникот на социјалната мрежа Телеграм од националистичка украинска воена група „Азов“. Наводните жртви снимени во таа објава се чини дека не биле значително повредени. Притоа тие сведочеа дека виделе „бел чад“, најверојатно од фабрика на истокот од градот, а еден човек опишал како чадот имал сладок вкус. Тој тврди дека веднаш му се слошило и почнал да страда од забрзано чукање на срцето, по што се онесвестил. Неговата мајка наводно изгубила свест и била реанимирана три пати.
Една постара жена е снимена како не може да оди веднаш по нападот.
Третата жртва, чии очи најмногу ги погодил отровот, вели дека по експлозијата изгледало како да е магла, а не чад.
„Беше многу тешко да се дише“, кажала жртвата, додавајќи дека чувствува вртоглавица и дека нејзините „нозе се како памук“.
Воените власти соопштија дека најверојатно се користени „токсични или потенцијално токсични материи“, но вистинските податоци не можат да се добијат поради тоа што не е направена анализа бидејќи ова е област под опсада. Па така, реномираниот весник The Guardian прашува дали навистина можеби имало хемиски напад ?
Експертот за хемиско оружје, Ден Казета кажа дека употребата на такво оружје секогаш била тешко да се докаже и дека е невообичаено за него да го користи терминот „вестибуло-атактички синдром“ во неговата прва дијагноза. Затоа, смета тој, не е јасно дали во нападот биле употребени хемикалии. Тој додаде дека дури и конвенционалното оружје може да предизвика слични хемиски реакции поради експлозија или пожар.
Основачот на агенцијата за истражување Bellingcat, Елиот Хигинс, кажа дека опишаните симптоми се различни од сите нервни токсини со кои тој бил запознаен.
Но, заклучува The Guardian тешко е да се очекува дека трите жртви на нападот би можеле да бидат „активатор“ за посериозен одговор. Мариупол е опколен од руски воени сили, па затоа е невозможно да се спроведе независна истрага. Затоа, прашање е кога и дали некогаш ќе дознаеме дали навистина имало хемиски напад.