По поразот во осминафиналето на Светското првенство, Швајцарците се свртеа кон нов циклус квалификации за ЕП.
Швајцарија ќе игра во групата И со Романија, Андора, Израел, Косово и Белорусија.
Локалните медиуми поради актуелната политичка ситуација се многу загрижени за гостувањата со Белорусија и Косово.
Имено, на 25 март Швајцарија ќе игра на гости кај Белорусија, а големи се шансите тој меч да се одигра во Србија. Белорусија е делумно санкционирана од УЕФА поради војната во Украина и своите натпревари ќе ги игра на неутрален терен, најверојатно во Србија! Белорусија го одигра натпреварот од Лигата на нации во Нови Сад, а тој факт предизвика паника во швајцарските медиуми.
Како што се дознава, големи се шансите Белорусите повторно да ги одиграат квалификациите во Србија. И Кипар е опција, но во моментов тоа е поверојатно да биде Србија.
Швајцарскиот весник „Блик“ напоменува дека мечот би можел да се одигра дури и во Белград.
„Во моментов не ни знаеме каде ќе се игра натпреварот со Белорусија. Една од опциите е Кипар, но очигледно и главниот град на Србија, Белград. Всушност, Белорусија веќе одигра натпревари во Лигата на нации во Србија. Натпреварот во Белград секако би се играл без присуство на навивачи“, изјави генералниот секретар на локалниот сојуз, Роберт Брајтер.
Ова гостување исклучително ги загрижува Швајцарците поради тензиите кои владееја на натпреварот против Србија на Светското првенство во Катар. Ним им е јасно дека Гранит Џака и Ѓердан Шаќири се непожелни поради нивното однесување и бројните провокации кои ги направија за време и по натпреварот со орлите.
Потсетуваме, Шаќири не дојде во Србија на натпреварот Ливерпул – Црвена звезда, а причините не се фудбалски. Ѓердан подоцна призна дека е подобро што не дошол на тој натпревар.
Поради целата ситуација со Џака и политичките тензии, Швајцарците се плашат и од мечот против Косово. Иако има уште десет месеци до гостувањето во Приштина, тензичната ситуација ги загрижи швајцарските медиуми кои на големо шпекулираат дали ќе има услови за одигрување на натпреварот.
„Веруваме во УЕФА и ќе следиме како се развива ситуацијата на Балканот. Во моментов немаме што да кажеме за тоа“, изјави Брајтер.