Градоначалникот на хрватскиот град Петриња, Даринко Думбовиќ во првата изјава после силниот земјотрес од 6,3 степени по Рихтер кој го погоди градот пред околу еден час, изјави дека половина град е срушен и побара итно да биде испратена помош.
„Извлекуваме луѓе од автомобили, не знаеме дали има мртви или повредени. Слушнав дека и градинката се срушила, но за среќа внатре немало деца, а од другата децата успеале да се спасат“, изјави Думбовиќ.
„Владее општа паника во градот, луѓето си ги бараат најблиските“, додаде градоначалникот на Петриња и ги повика сите кои што можат, да дојдат и да помогнат во градот, посебно пожарникарите и војската.
Во изјавата во живо за „Н1“, градоначалникот на Петриња изјави дека телефонски се слушнал со премиерот Андреј Пленковиќ кој му потврдил дека веднаш ќе го посети градот.