Украинскиот шеф на дипломатијата Дмитро Кулеба побарал денеска од земјите членки на НАТО да обезбедат дополнително оружје за неговата земја за да може да се бори против Русија.
„Дојдов да барам три работи – оружје, оружје и оружје. Колку побрзо се испорачува, толку побрзо ќе се спасуваат животи и ќе се избегнуваат уништувања“, рекол Кулеба по доаѓањето во седиштето на НАТО во Брисел, каде ќе присуствува на состанокот со своите колеги од земјите членки на Алијансата.
Кулеба укажал дека Украинците „знаат како да се борат и како да победуваат“, но дека без доволна количина на оружје, таа победа ќе биде проследена со огромни жртви.
„Колку повеќе оружје добиеме и колку побрзо тоа дојде во Украина, толку повеќе луѓе ќе бидат спасени“, рекол украинскиот министер за надворешни работи.
Кулеба посебно ја повикал Германија да го забрза праќањето на многу потребната опрема и оружје, укажувајќи дека “додека Берлин има време, Киев нема”.