Додека ние чекаме вакцини, мајмуни во американска зоолошка се вакцинирани против коронавирус

Девет мајмуни во зоолошката градина во Сан Диего, примија вакцина против коронавирусот, со што влегоа во историјата на медицината.

Едно од животните кое ја прими вакцината против коронавирусот во зоолошката градина во американскиот град е 28-годишна женка орангутан – Карен. Таа во 1994-та година беше првиот човеколик мајмун на кој му беше извршена операција на отворено срце.

Секое од деветте животни добило по две дози од експериментална вакцина која оригинално е наменета за кучиња и мачки. Ниту еден од мајмуните немал лоша реакција на вакцината и сите се добро, соопшти портпаролката на зоолошката градина Дарла Дејвис.

 

Управата на зоолошката градина донела одлука за вакцинација на животните откако во јануари неколку горили во сафари парк во Сан Диего се заразија со коронавирус, а тоа беше првата позната трансмисија на коронавирус кај човеколиките мајмуни. Осум горили тогаш успешно се опоравиле, соопшти Дејвис.

Горилите сега не биле вакцинирани затоа што ветеринарите оцениле дека нивниот имун систем веќе има развиено антитела за борба против вирусот. Се претпоставува дека горилите биле заразени од асимптоматски заболен вработен во зоолошката градина.