Доцна синоќа основана е елитната фудбалска Суперлига: ФИФА и УЕФА со жестоки закани до најголемите клубови

12 богати европски клубови доцна синоќа постигнаа договор за основање на ново фудбалско натпреварување наречено Суперлига, во која ќе учествуваат 20 клубови.

„До основањето на новата лига дојде во моментот кога светската пандемија на коронавирусот ја забрза нестабилноста на сегашниот економски модел во европскиот фудбал. Во текот на годините, клубовите основачи на оваа лига имаа за цел да го поправат квалитетот и интензитетот на постоечките европски натпреварувања, а посебно да создадат турнир на кој најдобрите клубови и играчи ќе можат почесто меѓусебно да се натпреваруват“, стои во соопштението на Реал Мадрид, чиј што претседател Флорентино Перез ќе биде на чело на новата Суперлига.

„Ќе му помогнеме на фудбалот на сите нивоа да го добие соодветното место во светот. Фудбалот е единствениот глобален спорт со повеќе од 4 милијарди гледачи, па нашата одговорност како големи клубови е да им се одговори на желбите на навивачите“, порача Перез.

Во ова ново фудбалско натпреварување е предвидено да учествуваат шпанските гиганти Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид, италијанските Интер, Милан и Јувентус, како и англиските Арсенал, Челси, Тотенхем, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити и Ливерпул.

Овие клубови повикаа уште три клубови за да се приклучат на проектот со кој би управувале тие 15 основачи. Уште пет екипи би се квалификувале во Суперлигата врз основа на резултатите во националните првенства, иако не е наведено за кои првенства станува збор.

Натпреварите би се играле во текот на седмицата, а клубовите во своите национални првенства би настапувале во текот на викендите како и обично. Сезоната би започнувала во август, а клубовите би биле поделени во две групи по 10 екипи. Секоја од нив ќе игра меѓусебно по два натпревари, а првите три од двете табели ќе се пласираат во четвртфинале. Во нокаут фазата ќе се играат по два натпревари, дома и гости, а финалето ќе биде еден натпревар кој ќе се игра на неутрален терен.

Буџетот на оваа Суперлига ќе се мери во милијарди евра, а според шпекулациите, екипите ќе добиваат по 350 милиони евра само за учество во Суперлигата.

Светската и европската фудбалска организација, ФИФА и УЕФА жестоко се противат на овој проект. ФИФА најави дека можно е да им биде забрането на фудбалерите на овие клубови да настапуваат на Светското првенство, додека пак УЕФА се закани со суспендирање на Лигата на шампионите и Лига Европа.

Во меѓувреме, се огласија и францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Борис Џонсон. Макрон ги поздрави француските клубови кои одбија да учествуваат во Супер лигата која според него ги загрозува „принципите за единство и спортски заслуги“ и порача дека официјален Париз ќе ги поддржи сите чекори кои ќе ги преземе француската фудбалска федерација, како и УЕФА и ФИФА.

Британскиот премиер Борис Џонсон од друга страна порача дека плановите на Супер лигата се штетни за фудбалот и порача дека клубовите кои се основачи ќе мора да одговорат пред своите фанови и пошироката фудбалска заедница пред да преземат нови чекори.