Членот на одборот на директори на “Pfizer”, д-р Скот Готлиб, за “CNBC” рекол дека пандемијата би можела да биде готова до јануари.
“До 4-ти јануари оваа пандемија би можела да биде готова. Тогаш влегуваме во ендемска фаза на вирусот”, рекол тој, коментирајќи ја, пред се, ситуацијата во САД. На тој датум, инаку, на сила стапува мерката на администрацијата на Бајден дека сите во компаниите со најмалку 100 вработени мора да бидат вакцинирани.
Потсетуваме, “Pfizer” вчера соопштил дека неговиот лек против Ковид-19 е делотворен во 89 проценти во превенцијата од ризик од хоспитализација и смрт, на што укажуваа првите резултати од клиничките испитувања.
“Преодната анализа покажа дека за 89 проценти се намалува ризикот од хоспитализација и смрт во врска со Ковид-19 кај пациентите кои го примиле лекот во првите три дена по појавата на првите симптоми”, наведуваат од компанијата во соопштението, пренесува “AFP”.
Тие резултати ги надминуваат оние кои ги објавил “Merck & Co” за својот лек “Молнупаравир”, за кој минатиот месец се покажало дека ги преполовува изгледите за смрт или хоспитализација за пациенти заболени од коронавирус, кои имаат висок ризик за тешко заболување.