Дипломатски спор со Кина поради аналните брисеви: Ни создавате психолошка болка…

Јапонските власти побараа од Кина да престане да го користи тестирањето на коронавирусот служејќи се со анален брис.

Како што тврдат Јапонците, на тие методи посебно се изложени нивните граѓани кога влегуваат во Кина. Некои се пожалиле дека постапката им предизвикала психолошка болка, соопштија јапонските власти.

Google search engine

Од јапонската влада порачаа дека и натаму ќе продолжат да бараат од Кина да не им врши таков вид на тестирања на нивните државјани, напоменувајќи дека тоа не е потврдено никаде во светот, пренесува јапонската новинска агенција „Кјодо“.

„Некои државјани на Јапонија се јавија во нашата амбасада во Кина и се пожалија дека им бил земен анален брис, а тоа им предизвикало психолошка болка“, изјави главниот секретар на јапонската влада, Катсунобу Като, наведувајќи дека не е познато колку јапонски државјани биле тестирани на тој начин.

Кинеските власти наводно моделот на анално тестирање започнале да го користат во јануари оваа година. Соединетите Американски Држави беа првите кои јавно се пожалија на таков третман и тоа не само граѓани, туку и дипломати на оваа земја. Меѓутоа, официјален Пекинг демантираше дека таков вид на тестирање им бил извршен на дипломати.

Јапонските власти отворено порачаа дека примарно станува збор за обид на понижување на граѓаните на одредени држави. Не е познато колку мажи, но и жени кои пристигнале од Јапонија во Кина биле изложени на еден вака понижувачки третман.

Ванг Венбин, еден од портпаролите на кинеското министерство за надворешни работи, откако оваа вест ја објави „Кјодо“, вчера изјави дека Кина на противепидемиолошките мерки се прилагодила „во склад со научните достигнувања“ и „релевантните закони и прописи“.

Аналните брисеви започнале да ги користат некои кинески градови каде што локалните експерти тврдат дека на тој начин може да се зголеми стапката на откривање на нови случаи. Најголемиот дел од научната заедница смета дека тоа не е точно.