Сади Гадафи, син на покојниот либиски диктатор Моамер Гадафи, кој бил турнат од власт и убиен во востанието во 2011-та година, е пуштен од затвор, потврдил извор од Министерството за правда за “AFP” во неделата.
“Сади Моамер Гадафи е пуштен од затвор”, рекол изворот, но не открил дали Сади е уште во земјата.
Некои медиуми пренеле дека тој веќе заминал во Турција.
47-годишниот Сади во текот на диктатурата на својот татко живеел како плејбој и многу развратнички, пишува “Hina”.
Поранешниот професионален фудбалер во Италија, се наоѓал во затвор во Триполи, а бил обвинет за злосторства против демонстрантите и убиство на либискиот фудбалски тренер Башир ал-Рани во 2005-та година.

Од италијанската лига до потерница на Интерпол
Сади, поранешен лидер на либискиот фудбалски сојуз бил познат пред се по својата кратка кариера во италијанскиот фудбал се додека Интерпол не објавил потерница против него и другите членови на неговото семејство поради смртно сузбивање на протестите во 2011-та година.
По играњето во либиските клубови, Сади во 2003-та година потпишал за италијанска Перуџа на барање на тогашниот италијански претседател Силвио Берлускони, кој имал блиски врски со либискиот режим.
Меѓутоа, Гадафи ретко чекорел на терените. Во втората сезона бил суспендиран поради допинг.
Неговото најголемо достигнување било 15 минути игра против Јувентус во мај 2004-та година.

Пред 12 години во еден извештај на американски дипломат пишувало дека Сади Гадафи е “црна овца” на моќното семејство. Се споменувало неговото “лумпување” по Европа, судири со полицијата, претерано консумирање на дрога и алкохол, но и бројни сексуални односи со жени и мажи.
Неколку дена пред убиството на неговите татко и брат, Сади на медиумите им рекол дека потерницата на Интерпол е политичка работа.
Иако е обвинет за пукање во демонстранти и други злосторства против демонстрантите, Сади не е баран од Меѓународниот казнен суд за разлика од неговиот постар брат Сеиф Ал-Ислам.
Во разговор за “New York Times”, Саиф Ал-Ислам, за кого никој не слушнал од 2014-та година, дал назнаки дека либиската политика се уште не видела се од кланот Гадафи. Сеиф рекол дека е слободен човек кој го организира своето политичко враќање.
