Дали ова е последниот обид за спречување на војна? Тензиите околу Украина пред „пукање“

Американскиот претседател Џо Бајден го повика рускиот претседател Владимир Путин на одржување на заеднички самит со цел да се спречи понатамошна голема ескалација на истокот на Украина.

Да потсетиме, тензиите овие денови интензивно растат на истокот на Украина, а Русија прилично остро реагираше на неодамнешната вест дека во водите на Црното море пристигнуваат два разурнувачи на американската воена морнарица.

Google search engine

Од Белата куќа потврдија дека Бајден синоќа му се јавил на Путин и му предложил состанок во некоја трета земја. Притоа, како што информираа од Белата куќа, американскиот претседател изразил загриженост поради натрупувањето на руските сили во близина на украинската граница.

Да потсетиме, односите помеѓу Русија и САД се на исклучително ниско ниво и дополнително беа нарушени откако Бајден ја презеде власта во Белата куќа. Многумина сметаат дека на територијата на источна Украина би можело да дојде до војна помеѓу легитимната украинска армија и про-руските сепаратисти, а руската армија би можела да изврши агресија така што ќе упадне на украинска територија.

Во соопштението на Белата куќа беше наведено дека Бајден му порачал на Путин дека сака „стабилен и предвидлив“ однос со Русија. Што се однесува до самитот, се споменува дека истиот би можел да биде одржан „во наредните месеци“ и таму двајцата претседатели би разговарале за „низа на прашања“.

Од Кремљ информираа дека Бајден му рекол на Путин дека САД сака нормализација на односите и соработка во врска со прашањето околу контролата на вооружувањето, иранската нуклеарна програма, Авганистан и климатските промени.

Официјална Москва потврди дека Бајден предложил состанок на високо ниво, но не е откриено каков одговор добил од Путин.

Според аналитичарите, самиот факт дека Бајден побарал средба со Путин потврдува дека ситуацијата во Украина можеби веќе заминала предалеку, а тие кои сметаа дека Москва само „покажува мускули“, сега стравуваат од руска агресија на Украина.