Случај на птичји грип е откриен во Австрија на мала фарма за кокошки во близина на аеродромот во Виена, објави денеска агенцијата за јавно здравје во таа држава, AGES, која им нареди на фармите со повеќе од 350 животни, да ги чуваат истите во затворени простории.
Фармата се наоѓа во Фишаменд, источно од Виена и во близина на границите со Словачка и Унгарија, кои исто така пријавија случаи на птичји грип кај живината минатата недела.
Фармата е затворена, а кокошките се усмртени или се заклани под надзор на надлежните – се наведува во соопштението на AGES и се додава дека инфекцијата била откриена во средата.
Ширењето на високо-патогениот птичји грип во Европа и Азија ја стави живинарската индустрија во состојба на паника. Претходните епидемии, кои обично се случуваат наесен, резултираа со уништување на десетици милиони птици и воведување на трговски ограничувања.
Вирусот на птичјиот грип е во фокусот на епидемиолозите бидејќи може да се пренесе и на луѓето. Во текот на претходната година, Кина пријави 21 случај на инфекција кај луѓе со подтип на птичји грип H5N6, што е повеќе отколку во текот на целата 2020 година.
Птичјиот грип последен пат е регистриран во Австрија на почетокот на оваа година, на една друга мала фарма, потсетува AGES и забележуваат дека вирусот низ Европа се шири од птици преселници и локални диви птици, како патки и гуски.
Министерството за здравство планира да издаде уредба со која ќе им нареди на фармите со повеќе од 350 животни во „ризичните области“ да ги држат затворени, соопштија од AGES, без да прецизираат за кои области станува збор и кој се најмногу загрозените.