Дали на денот на гласањето на довербата на Владата, лани, пратеникот на БЕСА Кастриот Реџепи се криел во премиерската вила во Скопје?. Вакво прашање постави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски во емисијата Дебати на ТВ Шења. Реџепи во ноември лани не се појави на собраниската седница на која требаше да се гласа за доверба на Владата. Тој за некои медиуми ја демантираше информацијата.
„Дали поранешниот премиер Зоран Заев злоупотребил државни објекти во кои што го чувале Кастриот Реџепи и дали државни објекти, пред сѐ, премиерската вила и премиерските простории се злоупотребени за Кастриот Реџепи да е чуван – праша Николоски, додавајќи дека ако не е така нека го демантираат.
Николоски истакна дека откако ќе се смени власта сѐ ќе излезе на виделина.
Реџепи пак вели дека сѐ што имал да каже, кажал на неговата прес конференција и на јавните настапи.
„Мое приватно право е каде престојувам во одреден ден според мојата проценка за мојата безбедност и на моето семејство. Најбитно е дека јас како пратеник со мандат го искористив моето уставно право да одлучам според моето убедување и со тој потег се обезбеди стабилно зголемено мнозинство и непречен дијалог со Република Бугарија – изјави Реџепи денеска за „Фокус“.
Пратеникот Кастриот Реџепи на прашањето на „Фокус“ дали на денот на гласањето на недоверба на Владата престојувал во премиерската вила, вели дека негово право е каде ќе престојува, според неговата проценка за својата безбедност и безбедноста на неговото семејство.