Неверување, очај и бес владеат во Грција откако десетици лица загинаа во најлошата железничка несреќа во историјата на земјата.
Најмалку 47 загинаа во несреќата, која се случила на 534 километри северно од Атина, кога брз патнички воз што се движел кон Солун се судрил со товарен воз што доаѓал од спротивната насока на истата пруга, а потоа излетал од шините и се запалил.
Иако спасувачите сè уште се на терен, надежта дека ќе пронајдат преживеани 34 часа по несреќата е сè помала.
„Ќе биде многу тешко да се најдат преживеани, со оглед на температурата што се развила во вагоните. Тоа е најтешкиот дел, наместо да спасуваме животи, треба да вадиме мртви“, изјавил 40-годишниот спасувач Константинос Имамидис.

Преживеаните од брзиот воз, во кој се превезувале околу 350 луѓе, рекле дека се сеќаваат само дека возот ненадејно запрел, по што вагоните биле во пламен. Многумина побегнале од пламените јазици преку прозорците, додека други излетале од возот при судирот и паднале на оддалеченост од 40 метри. Од 72 хоспитализирани патници, 15 се отпуштени, а 57 остануваат хоспитализирани, од кои шест на интензивна нега.
Најголем дел од жртвите се на возраст од 21 до 26 години. Во особено тешка состојба се еден млад човек во Општата болница во Лариса и две девојки во Универзитетската болница. Акцијата за извлекување луѓе од остатоците од вагоните продолжува и утринава. Локалните власти стравуваат дека бројот на жртви би можел да биде поголем бидејќи околу 50 семејства сè уште не ги пронашле своите најблиски.
Шефот се соочува со сериозни обвиненија. Се бранел со замор
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се огласи синоќа по посетата на местото на судирот на патничкиот и товарниот. Шефот на локалната железничка станица е обвинет за убиство од небрежност, додека грчкиот министер за транспорт поднесе оставка.
По посетата на местото на несреќата, грчкиот премиер изјави дека сè укажува на трагична човечка грешка.
„Правдата ќе си го направи своето“, рече тој во телевизиско обраќање.

59-годишниот шеф на станицата задолжен за сигнализација е уапсен и обвинет за убиство од небрежност. Тој денеска ќе биде изведен пред истражителите. Признал дека направил грешка. Откако првично тврдел дека го „заклучил“ возот на вистинската пруга „но не го послушал системот“, ја признал својата фатална грешка и се соочува со сериозно обвинение за убиство од небрежност.
За време на распитот, тој наводно рекол дека „можеби погрешно управувал“. Тој исто така истакнал дека „имал многу работа“ и дека бил „уморен и преоптеретен“.
Има индиции дека тој кобен вторник имало голем број технички проблеми, поради што некои делови од пругата биле затворени. Членовите на синдикатот на железницата сметаат дека безбедносните системи не функционирале како што треба. Тие наведуваат дека со години предупредуваат на проблеми.
Разговор меѓу шефот на станицата и машиновозачот непосредно пред несреќата
Машиновозач: „Лариса, се слушаме ли?“.
Станица: „Се слушаме. Со бројот 47 проаѓате низ црвениот излезен семафор до новиот влезен семафор Порос“.
Машиновозачот: „Васили, да одам?“.
Станица: „Оди, оди“.
Машиновозачот: „Добро, имајте убава вечер“.
Станица: „Среќно“.
Разговор помеѓу шефот на станицата и браварот што открива што се случило
Бравар: „Шефе, да го вратам?“.
Станица: „Не, не, оди во 1564“.
Бравар: „Добро, ќе го оставам како што е, дијагонално“.
Овој разговор открива дека работникот го прашал шефот на станицата дали треба да го сврти, за возот да се врати на првата пруга. Меѓутоа, тој добил инструкции од шефот дека локалниот воз ќе ја користи дијагоналната пруга, како што било. Меѓутоа, шефот на станицата заборавил да нареди свртување, па Intercity тргнал во спротивна насока.
Овие разговори се официјални и машиновозачот немал причина да се сомнева во наредбите на шефот на станицата, бидејќи верувал дека Лариса се слушнала со колегите на следната станица, во Неи Пори, и верувал дека пругата е слободна.
