Д-р Ристовски: Секој втор кој прележал ковид-19 се жали на срцебиење и варијација на крвниот притисок

Пред сè, високата стапка на смртност од ковид-19 е од лошата организираност на здравствениот систем во последните 30 години. Потоа, тука е и културата кај пациентите, во смисла доаѓаат пациенти со потешка клиничка слика. Задоцнетата вакцинација кај пациентите или пациенти коишто не се вакцинираат, бројните коморбидитети кај пациентите, немањето протоколи… тоа е еден комплексен механизам којшто придонесува да имаме висока смртност помеѓу населението, вели д-р Владимир Ристовски од ковид-центарот на ГОБ „8 септември“ во разговор за ТВ 24.

Во однос на зголемената смртност кај младите пациенти, д-р Ристовски вели дека скоро сите млади хоспитализирани пациенти во ГОБ „8 септември“ биле невакцинирани пациенти.

Google search engine

– Скоро 95 отсто беа невакцинирани пациенти, а најчесто тие млади пациенти имаа некој коморбидитет или зголемена телесна тежина. Меѓутоа, има и пациенти коишто се со помлада возраст, но без коморбидитет и со потешка клиничка слика, објаснува тој.

Според д-р Ристовски, дел од кривицата за задоцнетото јавување на лекар по појавата на потешките симптоми треба да ја побараме кај самите пациенти, но дел и кај здравствените власти.

– Треба да има добра организација и движење на пациентот од матичен лекар до специјалист и до хоспитализација на пациентот. Ако имаме добра организација, и пациентите нема да страдаат, вели д-р Ристовски.

Како што објаснува докторот, пост-ковид компликациите во летниот период биле намалени, но сега нивниот број е значително зголемен.

– Пост-ковид компликациите ќе ги поделам на два типа, на минорни и мајорни компликации. Во минорните компликации влегуваат оние коишто секојдневно ги гледаме во нашите кардиолошки амбуланти, а тоа е срцебиење, варијации на крвниот притисок, недостиг на воздух. Тоа се компликации коишто секој втор којшто прележал ковид-19 се жали на тие симптоми. А во мајорните компликации, коишто се животозагрозувачки, спаѓа срцевиот инфаркт, чиј број е намален во однос на претходните бранови, но сепак се присутни, вели тој.