Д-р Нуредини за пожарот во Тетово: Мене ми е чудно, и суво дрво да е нема да гори толку брзо

Координаторот на ковид центарот во Тетово, Гзим Нуредини, вели дека сè траело само три до пет минути и додека дошол тој, сè било завршено, изгорено.

Тој исто така изјавил дека пациентите се спасувале и сами, со кршење на прозорците, но за жал живи останале само 12 луѓе додека пак 14 се мртви.

Google search engine

„Тоа сѐ траеше 3-5 минути. Медицинските екипи, вработените и лица коишто беа надвор, роднини коишто сакаат да комуницираат со нас… Сите тие помогнале. И замислете – сѐ се случи за 3 минути. За тоа време се спасија само овие 12 пациенти. Другите не успеаја бидејќи пламенот за 3 минути го опфати целиот простор“, изјави Нуредини.

 

Тој исто така изјавил дека кога дошол, а успеал да стигне за само неколку минути, веќе сè било завршено:

„Ние не сме експерти баравме јавен обвинител, цел објект бил во пламен наеднаш. Мене ми е чудно. И суво дрво да е, нема да гори толку брзо. Сепак не сакаме да го политизираме настанот, истрагата нека утврди како се случи и зошто изгоре толку брзо“, изјавил Нуредини, пренесува „Фактор“.

Инаку, починатите се пратени на Институтот за судска медицина затоа што биле изгорени до степен на непрепознатливост, а тие што биле спасени биле без никакви последици од огнот и веднаш транспортирани во Интерната клиника во тетовската болница.

Во однос на тоа дали имало придружба и дали починал некој којшто не бил пациент, Нуредини изјавил дека ќе се утврдува дополнително.

„Секоја посета е казнива. Ние и порано имавме укажувања дека наводно имало посети. Веднаш пративме известувања до сите, да не се дозволува посета. Дали имало некој случај не знам“, изјавил Нуредини.