Д-р Докиќ: „На лицата кои биле релативно добри, после две недели може да им се влоши состојбата со можна смрт“

Директорот на пулмологија, д-р Дејан Докиќ, во вечерашното гостување на дневникот на ТВ „Сител“, истакна зошто кај нас имаме толку голема смртност како резултат на тешки компликации со Ковид-19 и зошто вчерашниот ден беше најлош од почетокот на пандемијата, ако ги земеме предвид починатите лица.

„Сите знаеме дека доминира мутираниот британски вид, кој е повеќе агресивен и тоа е фактор што се должи на самиот вирус. Тој, на пример, кај пациентите што се заразени во поголема количина се наоѓа во секретот кога киваат во околината, а од друга страна потребна е помала количина да дојде кај здрав човек, за да го зарази. Значи тоа се особините, а некои од луѓето имаат поголема способност да го излажат имунолошкиот систем. Исто така, фактор е и одбранбениот систем, кој е како една армија што се бори против надворешните непријатели кај секој организам. Возраста е исто така отежнувачки фактор, како и коморбидитетите. Овде сакам да потенцирам дека смртноста во ковид-центрите на интерните клиники е 25 проценти и тука зборуваме за хоспитални установи. Во европски рамки тоа значи од 22 до 30%, што значи дека сме некаде насредина во однос на другите земји. Сепак главен фактор е имуниот систем кај лицата кои се заразуваат“, изјави Докиќ.

Google search engine

„Оние што пред две недели биле релативно добри, после две недели настанува влошување со можна смрт. Овие бројки сега се одраз на она што се случувало пред две недели. Сега со намалување на бројката, мерките дополнително тоа ќе го подобрат, тие бројки верувам дека за две недели ќе опаднат“, наведе Докиќ.

Во однос на вакцинацијата, Докиќ посочува дека сè уште мал број на луѓе се вакцинирани во државава и сигурно уште неколку месеци ќе нема да го имаме посакуваниот колективен имунитет, но смета дека вакцинирањето е еден од најважните начини да се спречи епидемијата, не само кај нас, туку во светски рамки, така што треба да се почитуваат сите препораки за вкацинирање.