Црвенковски: Договорот со Бугарија е грешка, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за нови барања

Поранешниот претседател на Македонија и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски смета дека Договорот со Бугарија кој го потпиша владата предводена од Зоран Заев, ја отворил Пандорината кутија и отвори нови барања на Бугарија, и смета дека неговото потпишување е голема грешка.

– Јас не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија, не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив, ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен, рече Црвенковски.

Google search engine

Тој на дебата во организација на Советот на амбасадори на тема „Предизвиците на македонската надворешна политика“ истакна дека односите со Бугарија се неспоредливо полоши по, отколку пред потпишувањето на договорот.

–  Или да бидам директен. Потпишувањето на договорот за пријателство и соработка со Бугарија со таква содржина, посебно со формулацијата за „заедничка историја“ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности беше голема грешка. Тезата која се пласираше во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата ќе се договориме, во самата своја основа е апсурдна. Секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес  кој се потпира  на одредени историски меѓници, настани и личности. Ако тие меѓници ви бидат одземени и прогласени за туѓи, од националниот идентитет не останува ништо освен празна реторика. Книга со корици и празни листови, потенцира тој.

Црвенковски вели дека не тврди дека и без договорот, Бугарија немаше да стави вето, но во тој случај барем не ќе можеше да го користи аргументот кој постојано го повторува дека Македонија не ги исполнува преземените договорни обврски.

– Позициите презентирани од страна на официјални претставници на Република Бугарија се такви што не оставаат простор за било каков оптимизам. Да се потсетиме само на изјавата на Претседателот Радев дадена за време на неговата посета на Берлин: „нема да дозволиме македонизмот да влезе во ЕУ., нагласи тој.

Тој вели дека ние од „македонизмот“ ниту можеме ниту смееме да се откажеме.

– Имајќи ги во предвид огромните и непомирливи разлики меѓу позициите и „црвените линии“ на двете страни единствено можно решение, според мене, за овој спор е, јас би го нарекол „асиметрично“ толкување на историјата и идентитетските прашања, кои произлегуваат од неа, односно секоја страна да си го задржи правото на сопствено видување и притоа тоа да не претставува никаква пречка во билатералните и мултилатералните односи, посочува поранешниот претседател.

Додава дека треба веднаш да се прекине со праксата присутна во последните 4-5 години на лесно и без основа подигање на очекувањата дека решението е на повидок и само што не се случило. Големи, а нереализирани очекувања водат кон големи разочарувања.

– Македонската јавност и македонското општество во целина треба да се подготви, и од страна на власта и од страна на опозицијата, дека блокадата од страна на Бугарија може да потрае во подолг временски период и дека заради тоа нема да ги почнеме преговорите со Европската унија. Тоа за Македонија се разбира не е добро, но никако не смее да се доживее како национална трагедија која ќе не парализира. Напротив, треба да претставува поттик да почнеме многу посериозно и поодговорно да си ги средуваме работите дома, потенцира Црвенковски.