Црни прогнози на порталот “Observer”: Самитот ЕУ-Западен Балкан не нуди ништо ново

Документот на Брдо кај Крањ треба да го потпишат лидерите на 27 членки на Унијата и шест држави од Западен Балкан, а Словенија која претседава со ЕУ во тоа гледа пресуден настан во проширувањето на ЕУ. Во нацртот се предлага дека самитите ЕУ-Западен Балкан стануваат редовна пракса, при што следниот би бил одржан кон крајот на 2022-ра година, пренесува порталот “Еуроактив Србија’.

Лидерите на ЕУ на самитот со лидерите на Западен Балкан во октомври планираат да ги повторат ветувањата дадени на земјите од регионот и да ја потврдат нивната европска перспектива, но проширувањето на ЕУ на Западен Балкан во овој момент тапка во место и малку кој очекува напредок во надминување на главните препреки, пишува порталот “EU Observer”.

Google search engine

“ЕУ ја потврдува својата едногласна поддршка за европската перспектива на Западен Балкан…која е наш заеднички стратешки интерес и останува стратешки избор кој го делиме”, се наведува во нацрт декларацијата која треба да биде усвоена на самитот на Брдо кај Крањ во Словенија на 6-ти октомври. Во нацртот, во кој имал увид “EU Observer”, се зборува за ангажманот на политичката, економска и социјална трансформација на регионот. “ЕУ и Западен Балкан треба да соработуваат во решавањето на задачите кои ќе ги дефинираат генерациите”, пишува во нацртот. Документот на Брдо кај Крањ треба да го потпишат лидерите на 27-те земји членки на Унијата и шест држави на Западен Балкан, а Словенија која претседава со ЕУ во тоа гледа пресуден настан во проширувањето на ЕУ. Во нацртот се предложува и самитите ЕУ-Западен Балкан да станат редовна пракса, при што следниот би се одржал кон крајот на 2022-ра година, пренесува порталот “Еуроактив Србија”.

Сепак, и покрај најавите, малку кој очекува било какво придвижување во прашањата кои се најголема препрека за проширувањето. Како “слонот во собата” “EU Observer” го наведува проблемот со бугарската блокада за отпочнување на преговори со Македонија и дијалогот меѓу Србија и Косово. Порталот пренесува оцена на дипломат дека е малку веројатно дека Бугарија ќе се откаже од своите барања и ветото за отворање на преговори со Скопје. “Искрено, не очекуваме никаква одлука пред самитот. Поради претстојните избори во Бугарија, нема многу време за преговори”, рекол еден европски дипломат.

Лидерите на ЕУ во Словенија планираат да порачаат дека очекуваат конкретен напредок на двете страни (Србија и Косово) во целосната нормализација на меѓусебните односи, што е од клучно значење за целиот регион. Меѓутоа, дијалогот Србија и Косово е речиси целосно замрзнат, констатира “EU Observer”, прецизирајќи дека техничките преговори се продолжени, но дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти не можат да се договорат ни да седнат на иста маса. Во декларацијата не се споменува укинување на визниот режим на ЕУ со Косово, на што се противат Данска, Франција и Холандија, а што граѓаните на Косово желно го исчекуваат откако Приштина во 2018-та година ги исполнила условите.

Исто така не се споменува ни евентуално отворање на нови поглавја во преговорите на ЕУ со Србија и Црна Гора, пишува “EU Observer”. Наместо тоа, во документот се зборува за спречување на бегалците да влезат во ЕУ, што евоцира политичка клима која не оди во прилог на визните аспирации, ниту на процесот на проширување, пишува споменатиот портал.

“Имајќи ја предвид сериозноста на ситуацијата во Авганистан, ЕУ е подготвена тесно да соработува со сите партнери, вклучувајќи го и Западен Балкан, за да се решат сите актуелни предизвици”, пишува во документот.

Бидејќи миграциите стануваат се поприсутна тема и на претстојните германски и француски избори, некои аналитичари, пишува порталот, во погледот на проширувањето на ЕУ не очекуваат никаков вистински напредок. Адриан Арифај, поранешен службеник во владата на Косово, а сега уредник во информативниот портал “Demokracia.com”, за “EU Observer” вели дека ветото на Бугарија и дијалогот меѓу Србија и Косово се проблеми кои земјите од Западен Балкан не можат сами да ги решат.

“Франција и Германија традиционално се мотор на промените на Западен Балкан, а тие се сега преокупирани со националните избори”, смета Арифај.

“Авганистанската криза само ќе биде поттик за оние политичари во ЕУ кои се против миграцијата и кои си играат со тие прашања од сопствени интереси”, додал Арифај.

Сепак, овој самит нема да биде посветен на проширувањето. Ние пред се очекуваме дека ЕУ ќе демонстрира приврзаност кон планот за економска обнова на Западен Балкан”, рекол тој дипломат. Во нацрт декларацијата се зборува и за потребата за борба против “дезинформациите и другите хибридни закани, кои во прв ред доаѓаат од трети држави кои сакаат да ја поткопаат европската перспектива на регионот”.

Во документот владите од Западен Балкан се повикуваат во својата комуникација со јавноста да истакнуваат за “досега невидениот степен” на финансиска помош од ЕУ за регионот, која изнесува 30 милијарди евра инвестиции за периодот од 2021-ва до 2027-ма година и уште 3,3 милијарди евра помош во текот на пандемијата.