Жените во иднина нема да може да шетаат по бикини низ централното шеталиште на Струга. Општина Струга соопшти дека во текот на туристичката сезона мора да се почитува јавниот ред, а според нив тоа значи дека не смее да се шета по бикини низ градот.
– Поради почитување на јавниот ред, особено за време на летната туристичка сезона, низ централното шеталиште (од Чаршискиот мост до Зелениот пазар), се забранува шетање во бикини и гаќички за плажа во текот на целиот ден.

Ги замолуваме сите гости и туристи кои се разладуваат на езерото или на Црн Дрим, да ги почитуваат правилата на доброто однесување и на јавниот ред, со непокажување голотија на јавни места и простори, соопшти општина Струга.
Вашето однесување е слика за градот, затоа заедно треба да се обидеме да ја зачуваме позитивната слика за една туристичка дестинација како што е Струга, соопштија од општината.