На 1-ви септември 1939 година, Германија ја нападна Полска и го втурна светот во војна. Но она кое многумина не го знаат е дека Хитлер за овој напад имал свој „изговор“.
На 22 август 1939 година, Хитлер одржал состанок со командирите на копнената армија, морнарицата и воздухопловните сили. Состанокот го започнал со наредба за напад врз Полска, при тоа велејќи им дека Полска мора да биде уништена.

Тој истакнал и дека постои вистинска причина за нападот и дека сè било внимателно планирано.
„Ќе дадам повод за започнување војна. Воопшто не е важно дали е веродостојна или не. Победникот не го прашуваат дали ја зборувал вистината. Кога една војна ќе започне, не е важен законот, туку важна е победата“, им рекол тогаш Хитлер.
Како се развивало сценариото?
Всушност, операцијата била испланирана неколку дена пред состанокот, а зад неа стоел Рајнхард Хајдрих. Тогаш, Рајнхард бил шеф на Канцеларијата за безбедност на Третиот Рајх а малку подоцна тој го добива и прекарот Прашкиот Касап.

Рајнхард на 10 август во својата канцеларија го повикал офицерот Алфред Најокс и му дал наредба заедно со уште неколку лица да организираат инсцениран напад.
Впрочем, нивната задача била да упаднат во радиостаницата во Гливице, град кој се наоѓа на самата граница со Полска.
„Треба да се добие впечаток дека нападот е извршен од страна на Полска. Нашата пропаганда има потреба од докази дека Полска неколку пати извршила напад врз границата“, му наредил Рајнхард.
Офицерот Алфред добил насоки дека по пристигнувањето во Гливице, на располагање ќе му биде Германец кој говорел течно полски, а кој треба да одржи говор по „окупацијата“ на радиостаницата.

По пристигнувањето во Гливице, Алфред се јавил во официјалната тајна полиција на Нацистите, Гестапо со цел да добие дополнителни насоки. Оттаму му било соопштено дека на располагање ќе му бидат дадени и неколку криминални лица кои ќе бидат облечени во полска униформа, а кои ќе треба да го извршат упадот. По упадот тие ќе избегаат, а зад себе ќе остават неколку мртви.
Сè се одвивало „како подмачкано“. Хајдрих издал телефонска наредба за напад на 31 август во попладневните часови. Нападот се случил во 20 часот. Редовната радиопрограма била прекината, а на нејзино место одел говор на полски. Коментаторот зборувал против нацистите, ги нарекувал со погрдни имиња и повикувал на ослободување.
И така Хитлер го добил својот повод.

Нацистичките пропагандни медиуми пренесувале за „дрскоста на Полјаците“ и како тие се осмелиле да го нарушат територијалниот интегритет на Германија.
Следниот ден, на 1 септември 1939 година во 4:45 часот наутро, Германија ја нападнала Полска, користејќи го овој инсцениран напад како изговор.
Два дена подоцна, Франција и Велика Британија ѝ објавиле војна на Германија, правејќи го конфликтот формално глобален.
Човекот кој ја почна Втората светска војна
Алфред Најокс ја преживеал Втората светска војна и веднаш потоа бил уапсен. На неговото судење тој го раскажал целиот план.
Сè што денес се знае за овој инсцениран напад потекнува од него.
Успеал да побегне од притвор пред да му биде судено за воени злосторства. Живеел под лажно име и работел како бизнисмен во Хамбург се до 60-тите години.

Тој, и бил вклучен во мрежа која обезбедувала лажни пасоши за нацистите, а и учествувал во логистиката за нивно безбедно патување во Јужна Америка.
Пред крајот на својот живот, тој ја продал својата приказна и доживеал слава како „Човекот кој ја започна Втората светска војна“.
Починал од срцев удар на 4 април 1966 година пред да „го стигне раката на правдата“.