Лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров смета дека е неопходно да се спроведе втората фаза од „специјалната воена операција“ не само на територијата на народните републики, туку и низ цела Украина за да се запре ширењето на немирите.
„Главната работа е да се започне втората фаза. А особено да се спроведе специјална операција не само на територијата на Луганск и Доњецк, туку и на целата територија на Украина. Ова е веќе глобален хаос, беззаконие. Треба да се организираме и треба да ја започнеме втората фаза“, кажа Кадиров.
Тој додаде дека после тоа е неопходно насекаде да се формира нова влада, која нормално ќе управува со својот народ.
„Ќе продолжиме да водиме дијалог со сите други земји кои го сакаат овој или оној однос со нас. Ако тие сакаат санкции, ние ќе се бориме против санкциите, ако тие сакаат војна, ние ќе се бориме“, вели Кадиров.
Според него, сега трупите на ДНР, ЛНР и Русија покажуваат добри резултати за време на т.н. „специјална воена операција“.
„Вчера беше уништен голем конвој, уништени се многу Азовци и нацисти. А денес имавме добри резултати цел ден долж Попасна. Полека ги чистиме Доњецк и Луганск“, кажа лидерот на Чеченија.