Британско истражување: И двете вакцини се еднакво ефикасни против Ковид-19 и создаваат имунитет веќе по првата примена доза

Кај 80 отсто од Британците биле развиени антитела на коронавирусот откако ја примиле првата доза на вакцината „АстраЗенека“ или пак „Фајзер“, а во 99 отсто од случаите и по втората примена доза, покажало истражувањето спроведено на 8.517 лица во Англија и Велс.

Истражувањето на научниците од Универзитетскиот колеџ во Лондон покажало дека кај 99 отсто од лицата антителата се појавиле во временски период од седум до четиринаесет дена од примање на втората доза на вакцината, пренесува „Гардијан“.

Google search engine

„И двете вакцини биле еднакво добри во поттикнување на развојот на антителата кои се потребни за сузбивање на Ковид-19“, истакнал главниот автор на студијата Меди Шотри.

Таа навела и дека станува збор за „голем научен подвиг во борбата со најтешката пандемија во последните 100 години“:

Резултатите од студијата биле направени врз анализа на 13.232 примероци на антитела земени од крв на 8.517 возрасни учесници во истражувањето.

Ниту еден од нив немал антитела пред примање на првата доза на вакцината, а сите потенцијални учесници со антитела биле исклучени од истражувањето.

Почетната старосна граница на испитаниците била 65 години поради тоа што истражувањето било спроведено меѓу повозрасната популација која во Велика Британија има предност за вакцинација.

Кампањата за вакцинација во Велика Британија започнала на 8 декември минатата година.