Британскиот „Дејли мејл“ реакцијата на Бакингемската палата на интервјуто на Меган и Хари ја опишува како ‘ужасно и запрепастувачко’.
Кралицата, принцот Чарлс и принцот Вилијам долго разговарале за тоа како да реагираат на низата обвинувања од Хари и сопругата Меган кои ги изнеле за време на двочасовниот специјал со Опра Винфри на американскиот „CBS“. Извори од палатата тврдат дека меѓу членовите на кралското семејство владее ‘личен шок и тага’, но дека кралицата сè уште одбива да ја потпише официјалната изјава на палатата и дека бара повеќе време за да одговори на интервјуто.
Извори за „Дејли мејл“ рекле дека кралското семејство останало будно до 3 часот наутро и го гледало интервјуто преку видео-линк во живо од САД, со ‘зголемено чувство на ужас и тага’. Приватниот секретар на кралицата, Сер Едвард Јанг и приватниот секретар на Чарлс, Клив Алдертон, наводно го гледале интервјуто во Бакингемската палата.
После интервјуто наводно биле подготвени брифинзи за членовите на кралското семејство и било договорено секој одговор да биде координиран помеѓу кралицата, Чарлс и Вилијам.

Кралицата во Виндзор разговарала со синот Чарлс кој бил во неговиот дом во Лондон, и внукот Вилијам, кој се вратил во Лондон од Норфолк, подготвувајќи се за враќање на децата на училиште.
Да потсетиме, Меган и Хари обвиниле неименуван член од кралското семејство за расизам, сугерирајќи дека палатата се грижела ‘колку бебето ќе биде темно’. Рекле и дека една од причините поради која си заминале од Британија е расизмот и ја обвиниле палатата дека не ѝ помогнала на Меган која се борела со суицидни мисли.
Меган изјавила и дека Кејт Мидлтон ја расплакала на денот на кралската венчавка, а Хари рекол дека го разочарал неговиот татко, принцот Чарлс и дека тој и Вилијам се оддалечиле еден од друг.