Болницата „Жан Митрев“ го критикува начинот на кој се презентираат бројките на починати од Ковид-19

Болницата „Жан Митрев“ реагира на начинот на кој Министерството за здравство ги презентира бројките на оздравени и починати пациенти од Ковид-19.

Преку допис испратен до Министерството за здравство, министерот Венко Филипче и до Институтот за јавно здравје, односно директорот Шабан Мемети, болницата бара извинување за вчерашните објавени бројки во однос на смртните случаи настанати како последица на Ковид-19 во болницата „Жан Митрев“.

Реклама

Ова се случи откако во вчерашното соопштение на Министерството во однос на бројката на оздравени и починати лица беше соопштено дека вкупно починале 20 лица, со забелешка дека за 24 часа починале шест, а другите 14 луѓе се од Клиниката „Жан Митрев“, кои починале во периодот од 4 до 30 јануари годинава.

Според приватната болница, ваквиот начин на известување остава негативен впечаток кај сите читатели и ја искривува реалната слика наведувајќи ги читателите на заклучок дека само во нивната институција умираат огромен број луѓе.

„Во случајот искористени се нашата транспарентност, детаљното и ревносно известување за комплетно погрешни цели. За жал, реалноста е комплетно поинаква. Бројките од анализата на смртни случаи покажува нешто сосема друго. Во согласност со податоците што се јавно достапни во Институтот за јавно здравј,е резултатите се следни: од вкупниот број на сите починати во јануари, кој изнесува 328, поточно во наведениот период од 4 до 31 јануари изнесува 286, во ‘Жан Митрев’ се 14. Пресметано во проценти тоа изнесува 4,9 %. Ако земеме предвид дека од почетокот на пандемијата бројката на вкупно починати е 2.893, процентот на вкупно починати во нашата институција е 5 %. Клиниката ‘Жан Митрев’ како институција од самиот почеток на пандемијата секојдневно се бори за животите на најтешките пациентите, па дури и за оние од кои сите други се откажале. Уште од самиот почеток на пандемијата ги ставивме на располагање нашите капацитети за интензивно лекување, а нашите методи на третирање на најтешките облици на болеста се публикувани, цитирани и признати во светски рамки. Потрагата по сензационални вести и бројки, т.е. сензационалистичкиот начин на соопштување бројки надвор од контекст, не е првпат, но се надеваме дека е последен. Очекуваме комуникацијата и соработката како со Министерството за здравство така и со Институтот за јавно здравје да продолжи со несмален интензитет“, велат од „Жан Митрев“.

Од таму замолуваат транспарентно да се споредат бројките на сите институции и тие да се испратат до медиумите со извинување за настанатата ситуација.

Реклама