Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, денеска најави дека откако инспекциските служби ќе утврдат дали порастот на цените е реален, Владата ќе ги објави сите компании кои направиле вештачки скок на цените.
Битиќи останува на ставот дека е направено вештачко зголемување на одредени производи, а како пример посочува тестенина за која маржата на добивка за два дена скокнала од 4 на 72,5 проценти.
„Дека има вртоглаво и вештачко зголемување на цените, кажав и минатата недела. Еве, два примера зошто го тврдев тоа. За само два дена маржата на добивка кај тестенина од еден производител пораснала од четири проценти, на 31 мај, на 72,5 проценти, т.е. граѓаните плаќаат 65 проценти повисока маржа на добивка за тестенина од еден производител“, изјави Битиќи одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.
Минатата недела вицепремиерот Битиќи најави дека компаниите што ги зголемиле цените изминативе денови, откако престана важноста на владините антикризни мерки, ќе се соочат со соодветен одговор од институциите.
Битиќи, меѓудругото, рече и дека однесувањето на компаниите што деновиве ги зголемија цените е некоректно и неморално, а дека со внимание се следи сето она што изминативе денови се случува на слободниот пазар.