
За војниците на Организацијата на договорот за заедничка безбедност, сојузот кој го предводи Москва, беше организирана свеченост во Алмати.
„Операцијата за одржување на мирот е завршена, задачите се исполнети“, кажа рускиот генерал Андреј Сердјуков, командантот на групата од над две илјади руски, белоруски, ерменски, таџикистански и киргистански војници. Тие беа испратени во поранешната советска република на 6 јануари.
Повлекувањето треба да заврши во рок од десет дена, објави казахстанскиот претседател Касим Џомарт Токаев, како и ОДКБ. Казахстан минатата недела беше погоден од насилство какво што не е видено од неговото осамостојување во 1991 година.
Во немирите загинаа повеќе десетици луѓе а стотици се ранети, што доведе до распоредување на контингентот војници предводен од Русите.