Белгија го повлече својот амбасадор од Сеул, откако неговата жена претепа продавачка

Белгиската амбасада соопштила дека министерот за надворешни работи Софи Вилмс одлучила дека е во најдобар интерес на билатералните односи да се заврши мандатот на амбасадорот Питер Лескује, кој работел како амбасадор во Сеул во последните три години.

„Иако Лескује посветено и служеше на својата земја, сегашната состојба не му дозволува да ја извршува работата непречено“, соопштила денеска амбасадата.

Google search engine

Белгиската влада исто така го укинала дипломатскиот имунитет на сопругата на Лескује, Ксианг Ксуекиу, за да може јужнокорејската полиција да го испита инцидентот.

Сепак, јужнокорејското Министерство за надворешни работи објавило дека имунитетот е укинат само делумно и дека Ксуекиу сè уште има заштита од кривична постапка или казна, пишува АП.

Лескује се извинил во име на неговата сопруга претходно овој месец. Тој рекол дека било каква форма на физичко насилство е неприфатлива, и покрај што „таа можеби имала причина да се лути за начинот на кој се однесувале во продавницата“.

Видеото што се појави на социјалните мрежи покажува како Ксианг се судира со две вработени во продавница за облека на 9 април откако едната ја запрела верувајќи дека можеби ја украла јакната што ја носела.

Вработената, која сакала да остане анонимна, за Си-Ен-Ен изјавила дека не разбирала што зборува Ксианг и дека се обидела да ја види етикетата на нејзината јакна. Ја запрела сопругата на амбасадорот надвор од продавницата и кога видела дека јакната не е украдена од продавницата, се извинила на англиски јазик и се вратила внатре. Но, Ксианг потоа се вратила во продавницата, луто турнала една од вработените и потоа и удрила шлаканица.

Белгиската амбасада не соопштила кога точно ќе заврши мандатот на Лескује или кој ќе го замени.