Здравствените работници од Клинички центар си ги бараат ветените 10% годишно покачување или 40% за цел мандат од владата на СДСМ, односно 600 евра плата за медицинските сестри, ветување на претседателскиот кандидат на ДУИ Насер Зибери.
Овие ветувања според претседателот на Независниот синдикат на Клинички, Горан Беговиќ влијаеле на изборниот резултат. Па, доколку не се реализираат можно е да се изгуби довербата кај здравствените работници во оваа влада, вели тој. Се чувствуваат дискриминирани заради неисплата на К-15, иако цела пандемија ја поминале работно.
„Гласот на нашите вработени кои се околу 30.000 во здравството не може да се игнорира, да се потцени и редно е доколку очекуваат да добијат глас на следните избори од вработените во здравството да го реализираат ова ветување“, рече Горан Беговиќ, претседател на НСКЦ.
Доколку не се исполнат барањата, од Синдикатот најавуваат протест.
„Она што тие го направија е двократно додаток на плата од 20% само за вработените во Ковид-19 центрите и со тоа направија раздор ги дискриминираа вработените“, вели Беговиќ.
„Испаѓа дека државата за некого е мајка, за некого е маќеа. За дел на државната администрација државата е мајка, за останатите други многу важни сектори во државата кои што, исто така, се финансираат од државниот буџет, државата е маќеа. Од таа причина ние реагиравме и повторно ќе реагираме. Вакви заеднички прашања од заеднички интерес, кои што се финансираат од централниот буџет на државата мора да се регулираат со општ колективен договор. Ова е навистина неправда. Тука сме ние, како дејностите образование, наука и култура, тука е здравството исто така, голем сектор, полицијата, армијата… Испаѓа дека ние не сме битни во општеството како работници”, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК.
Министерот Филипче вели дека ги исполнуваат ветувањата и дека до крајот на месецов ќе бидат исплатени заостанатите исплати за март, април и мај. Од јули важи зголемувањето од 5% за сите здравствени работници без разлика дали работат во Ковид центрите или не.
„Морам да кажам дека здравствените работници кои изминатиов период покажаа спремност и висок степен на професионалност, зголемувањето го заслужија и затоа во два наврати ги зголемувавме платите и пак ќе ги зголемиме. Некаде околу Нова година тие што работеа со Ковид пациенти добија зголемување на платите до 30 000 денари“, рече Филипче.