“BBC” ги пофали: Србија е шампион во вакцинирање, многу европски држави можат да ѝ позавидат…

Ова не е првпат земјите на Западен Балкан да увидат дека Европската унија може да се покаже како несигурен партнер, пишува британски “BBC”.

Српската премиерка Ана Брнабиќ која факултетското образование го стекна во САД беше првата европска премиерка која ја прими вакцината на „Фајзер“. Министерот за внатрешни работи кој отворено ги поддржува врските на Србија со Русија ја прими вакцината „Спутник 5“, а министерот за здравство позираше додека ја примаше вакцината на кинески „Синофарм“.

Google search engine

Ваков вовед направи “BBC” во репортажата за соседна Србија чиј неселективен и некритички пристап при вакцинирањето на населението, нашите северни соседи ги стави на челното место по процентот на вакцинација во континентална Европа.

„На нам не ни е важно дали вакцината доаѓа од Кина, САД или Европската унија, се додека вакцината е безбедна и можеме да ја добиеме што е можно поскоро. Вакцинирањето за нас не е геополитичко, туку здравствено прашање“, изјави Брнабиќ за “BBC”.

Според “BBC”, таквото прагматично размислување и тоа како им се исплатило на Србите. Другите земји од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, се уште се мачат со набавката на вакцини. Секако, тука спаѓа и Македонија, со оглед на тоа што нашите власти се потпираа исклучиво на ЕУ и КОВАКС, за вчера да потврдат дека сепак државата ќе добие и кинеска вакцина.

Додека Македонија се уште нема вакцини, процесот на вакцинирање во Србија се одвива двојно побрзо од Германија, Шпанија и Италија и четири пати побрзо од Холандија.

Додека премиерката инсистира дека нема место за геополитички игри кога е во прашање коронавирусот, блиските врски на Белград со Пекинг и Москва несомнено ѝ помогнаа на Србија да добие таква количина на вакцини на која европските земји можат само да ѝ позавидат.

„Не сме земја членка на Европската унија и со оглед на солидарноста внатре во ЕУ, знаевме дека ќе бидеме последни во редот да добиеме вакцини од ЕУ“, изјави Брнабиќ.

Одлуката на Белград да не се потпира на Брисел се покажа како добра

“BBC” оценува дека во овие кризни времиња, одлуката на Србија да не се потпира на Брисел за набавка на вакцини се покажа како добра. Ефикасноста на процесот многумина ги изненади, посебно затоа што Србија важи како земја која не е позната по динамичната јавна администрација.

„Изненадена сум. Јас сум пензиониран здравствен работник и знам дека имаме добар здравствен сектор, но сум изненадена со организацијата и со големиот број на здравствени работници“, изјави 70-годишната Славица Радоновиќ за “BBC”.

Ваквиот развој на случувањата не им оди од рака на „луѓето во Брисел“, затоа што во светот се создава слика дека земјата кандидат за ЕУ има видлива корист од своите врски со Истокот. Ова не е прв пат земјите од Западниот Балкан да увидат дека Европската унија може да се покаже како несигурен партнер, пишува “BBC”.

Ова можеби и најдобро „на своја кожа“ го почувствува Македонија и тоа не само кога е во прашање вакцинацијата, туку и кога е во прашање целосната интеграција во „европското семејство“, кое факте е дека не направи ништо за да ја спречи „бугарската блокада“.

Зошто и покрај ова, властите на земјава и натаму продолжија да се потпираат на Европската унија кога е во прашање вакцинацијата, останува мистерија. Да потсетиме, Македонија се уште нема започнато со процесот на вакцинација на населението.