Американскиот претседател, Џо Бајден им порача на Американците да не паничат поради новиот вид на Ковид-19, Омикрон и изјави дека засега не предвидува нова блокада на САД или нови епидемиолошки ограничувања.
Новиот вид на вирусот, која првпат беше откриен во Јужна Африка, но веќе се појавува во неколку други земји, е причина за загриженост, а не за паника, додаде Џо Бајден во својата изјава.
Тој нагласи дека Соединетите Американски Држави се во добра позиција да го контролираат ширењето на новиот вид, без да мора да употребуваат мерки кој водат кон затворање или забрани за патување надвор од веќе наметнатите ограничувања на осум јужноафрикански земји.
Денес имаме повеќе алатки за борба против овој вид отколку што сме имале досега, изјави тој, додавајќи дека неговиот главен медицински советник, Ентони Фаучи очекува сегашните вакцини да функционираат против новиот вид на Ковид-19, дополнително со трите дози кои ја зголемуваат заштитата.
Бајден вети детална стратегија за борба против Ковид-19 оваа зима, но сигнализираше дека Американците нема да бидат подложени на оптоварувачки мерки.
Не со затворање, туку со поголема стапка на вакцинација, засилувачи, тестирања и многу повеќе – изјави тој, прецизирајќи дека сега не гледа потреба од задолжителна вакцинација или тестирање на домашниот воздушен сообраќај.