Автобусот бил релативно нов, „Беса транс“ имала лиценца, но и 4 кривични за ковид-протоколите

Против превозникот „Беса транс“, чијшто автобус ноќеска имаше сообраќајна несреќа во Бугарија во која загинаа 46 лица, Државниот инспекторат за транспорт годинава поднел четири кривични пријави за непочитување на протоколите за ковид-19 за јавен превоз на патници, соопштија од Држвниот транспортен инспекторат.

Министерството за транспорт и врски претходно соопшти дека „Беса транс БТБ“ со адреса на улица 1 број 1 во село Рашче, Скопје, има важечка лиценца до 8 август следната година.

– Кон барањето е доставена целокупната документација согласно член 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај, со што превозникот ги исполнил условите предвидени во Законот и му е издадена лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници. Со барањето за добивање на лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, превозникот ги исполнил условите за добивање на лиценца и издадена му е лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници со сериски број 007017 со важност од 08.08.2018 година до 08.08.2022 година. Од тој момент превозникот се нема обратено до Министерството за транспорт и врски, Сектор за патен сообраќај, со поднесено барање за добивање на извод од лиценца за ново набавено возило, соопшти Министерството за транспорт и врски.

Компанијата досега немала сообраќајни незгоди, но како што изјави шефицата на ОЈО Вилма Рускоска, мора да се провери соодветната документација за техничката состојба на автобусите. Според првичните информации, автобус бил нов и во функција е само три години.

Автобусот со македонска регистрација влегол во Бугарија од Турција преку граничниот премин „Капитан Андреево“ нешто по 21 часот, а несреќата се случила околу 2 часот по македонско време на магистралниот пат Струма од Софија за Благоевград.