„Канал 5“ ‘мистериозно’ запре со емитување на програма во живо, на почетокот од гостувањето на Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, во емисијата „Само вистина“. Од ЕВН немаат информација дека има прекин на струја.
Се огласи и Апасиев, кој на Фејсбук напиша: „Прво исклучуење СТРУЈА откако сме членка на НАТО. p.s. Продолжуваме после кварот, у живо, за Пописот“.
Следната тема за која се разговараше на интервјуто беше пописот за кој Левица отворено ја пропагира опцијата за бојкот.
Апасиев изјави дека треба да имате кичма за да ве почитуваат, коментирајќи го одложувањето на пописот во Србија, но и процесот на вакцијација.
За пописот, вели дека во време на пандемија не треба да се прави. Но, наведе и дека ниту една држава во светот не попишува иселени. Дополнително, вели дека иако пописот ќе почне за неколку дена, сепак нема доволен број на попишувачи. Апасиев вели дека ќе ги гонат властите за загрозување на јавното здравје.
„Ова е попис за отпис на Македонците како конститутивен народ“, рече Апасиев.
„ООН преку својот департмент за статистика препорача сите земји да ги одложат пописите. Тоа го направи Германија, Шкотска, Ирска, Романија, Хрватска, Србија. Ние како партија предлагаме одложување за една година“, истакна Апасиев.
Тој нагласи и дека меѓународните аргументи се мошне силни, бидејќи пописите во цел свет се унифицирани.
„Има неколку групи на пописи. Ние имаме комбиниран попис, кој го ставија со европско знаменце. Никаде во светот нема попис на дијаспора“, вели Апасиев.
За фактот дека се пролонгираше пристигнувањето на вакцините „Фајзер“, рече дека иако власта се правда дека проблем е тоа што сме мал пазар, со 2 милиони жители, наведе пример дека Латвија добила вакцини иако е помала според бројот на жители.