Министерството за здравство ја објави редовната анализа на вакцинирани од позитивни случаи на Ковид-19, во период од 6 август заклучно со 28 октомври.
Да ве потсетиме, за вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
Во период од 6.8.2021 до 28.10.2021 на територијата на државата 45.621 граѓани биле позитивни на Ковид-19, од нив 27 отсто биле целосно вакцинирани, односно 12.375 лица.
Според статистиката на МЗ, во изминатите два месеци 33.246 граѓани, односно 73 отсто од позитивните на Ковид-19 не биле вакцинирани.
Процентот на хоспитализирани лица кои не се вакцинирани изнесува 75 отсто, додека пак само 25 отсто од хоспитализираните лица биле целосно вакцинирани.
Што се однесува до смртноста, во период од 6.8.2021 до 28.10.2021 на територијата на Македонија починале 1.592 лица како последица на Ковид-19.
Од нив 1.310, односно 82 отсто не биле вакцинирани, додека пак само 18 отсто односно 282 лица од починатите примиле вакцина.
Според анализата на МЗ починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања, а пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има кај нас на располагање.
МЗ уште еднаш укажа на важноста на вакцинацијата, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, па апелираа до граѓаните да се вакцинираат.