Амбер Херд го продолжи сведочењето на судењето кое се одвива помеѓу неа и поранешниот партнер Џони Деп.
На вториот ден од сведочењето, Херд покажала фотографии од онесвестениот Деп, за кои тврди дека се направени откако актерот консумирал дрога. На прашањето зошто воопшто го фотографирала Деп во таква состојба, таа изјавила дека тогаш започнала да го забележува образецот на однесување кој сакала да го документира.
Фотографиите се направени во 2013 година.

„Можев само да нагаѓам што користи по трагите кои ги пронаоѓав. Ќе се онесвестеше и ќе ја изгубеше контролата врз себе, а потоа луѓето ќе го земеа, ќе го исчистеа и ќе го поправеа“, изјавила Херд на клупата за сведоци во судот.
„Не се сеќаваше на тоа, не негираше или ме обвинуваше дека лажам дека тоа се случило. Немаше кој да ме поддржи“, рече таа.

Актерката тврди дека сето тоа време било „нејзиниот збор против зборовите на неговите вработени“ и затоа сфатила дека мора да почне да ги фотографира тие ситуации за да има доказ. Првата фотографија која ја покажала, тврди таа, е направена на еден остров на кој летувале. Херд тврди дека бил „нормален“ на почетокот на тоа лето, но дека сѐ се променило кога почнал да се дружи со својот пријател Пол Бетани.

Таа пред судот презентирала и фотографија која наводно била направена на 22-ри март 2013 година откако тој „се обидел да ја запали фотографијата од нејзиното поранешно момче“. Во сведочењето еден ден претходно, Херд откри дека Деп ја обвинил дека го изневерувала со тој поранешен партнер.
Амбер тврди дека тоа се случило откако Деп повеќе денови консумирал дрога.

„Ќе се уништеше себеси, ќе му беа потребни неколку дена, а потоа ќе започнеше „чист“ период бидејќи се чувствуваше лошо“, тврди Херд. Таа вели дека Деп често пиел дури и пред децата кои не знаеле како да реагираат на тоа.
Херд се присетила на еден инцидент во Јапонија кога Деп наводно ѝ викал дека е „здодевна кучка“.
„Ми велеше дека направил грешка што е со мене, дека ќе се ослободи од мене. Тогаш ми кажа некои одвратни работи”, рекла актерката.