Академијата отпочна дисциплинска постапка против Смит – познати се и санкциите

Вил Смит бил замолен да ја напушти церемонијата на доделувањето на Оскарите откако го удри Крис Рок, но актерот одбил, вели Академијата за филмски уметности и науки во своето соопштение.

„Господин Смит беше замолен да ја напушти церемонијата и одби, но исто така признаваме дека можевме поинаку да ја решиме ситуацијата“, велат од Академијата во соопштението.

Google search engine

Оттаму додаваат дека е отпочната дисциплинска постапка против Смит поради „кршење на стандардите за однесување“.

 

Тоа вклучува непристоен физички контакт, навредливо или заканувачко однесување и нарушување на интегритетот на Академијата.

Доколку одборот одлучи да преземе нешто на следниот закажан состанок на 18-ти април, Смит може да се соочи со суспензија, исклучување или други санкции, се вели во соопштението.

Дополнително, актерот ќе добие известување за гласањето во рок од 15 дена, како и можност претходно да биде сослушан преку писмен одговор.

Во соопштението не се дадени детали за тоа кој побарал од Смит да си замине. Академијата, исто така, директно му се извини на Рок во изјавата, како и на номинираните, гостите и гледачите.