Русија е подготвена да ги реализира проектите „Турски поток“ и „Јужен тек“ во присуство на гаранции од земјите партнери.

Ова го изјави рускиот министер за енергетика Александар Новак. Тој исто така рече дека Русија ја потврдила подготвеноста да ја продолжи изградбата на гасоводот „Турски поток“ ако постојат гаранции и јасна позиција на Еврокомисијата во однос на овој проект.

„За „Турски поток“: подготвени сме да ја реализираме соодветната инфраструктура за изградба на гасоводот по дното на Црното Море. Најглавното е, дали се подготвени турските партнери и колеги, и второ – дали се подготвени европските партнери за реализација на овие проекти“, посочи Новак.

„Ако постојат одредени гаранции од страна на државите, на Еврокомисијата, ние сме подготвени да ги реализираме овие проекти“, истакна министерот.

„Засега, колку ни е познато, јасна позиција на Европската комисија за изградба на соодветната инфраструктура нема“, вели Новак.

Речиси 100 милиони евра странски директни инвестиции во Македонија во првите четири месеци од годинава. Според податоците на Народната Банка вложувањата во април биле нешто над 34 милиони, во март 27.5 милиони, во февруари 34.5, а во јануари само 0.5 милиони евра; или вкупно 96.760.000 евра.

Гледано по години, на Македонија најдобро и одело во 2007-та кога влегле 506 милиони евра. Во 2008-та странските инвестиции достигнале 400 милиони. Но, по светската економска криза има нагло опаѓање – во 2009-та инвестициите биле само 145, во 2010-та 161, во 2011-та 344, во 2012-та 111 милиони, во 2013-та 252 милиони, во 2014-та 205 милиони, а во 2015-та 157 милиони.

Според НБРМ лани најмногу пари во Македонија влегле од Бермуди (181.67 милиони евра), од Сент Винсент и Гренадини (49.45 милиони) и од Германија (32.46 милиони). Во истиот период најголемо одлевање имало кон Франција (-164.12 милиони евра), кон Обединетото Кралство (-45.42 милиони) и кон Унгарија (-31.18 милиони).

Претпоследно место во регионот според инвестициите по глава на жител

Според податоците на Здружението на млади истражувачи и аналитичари (ЗМАИ) земјава е на претпоследното место во регионот според привлекувањето на странски инвестиции по глава на жител.

Во 2014-та во Босна тие биле 111 евра, во Македонија 124, во Бугарија 178, на Косово 202, во Србија 210, во Албанија 284, во Црна Гора 601, а во Хрватска дури 612 евра по глава на жител.

Сепак, голем дел од овие средства се резултат на приватизации на државни компании или на преземање на постоечки приватни фирми. Ако се споредуваат само гринфилд инвестициите односно вложувањата во сосема нови погони Македонија и не стои така лошо. Во 2014-та во Албанија имало 6 гринфилд инвеститори, во Црна Гора 7, во Босна 21, во Хрватска 31, во Македонија 32, во Бугарија 52 и во Србија 81.

Анализите на ЗМАИ покажаа и дека домашните компании имаат поголем ефект врз економијата и дека парите што се трошат за привлекување инвеститори треба да се пренасочат кон државни вложувања.

За привлекување на странски инвеститори Македонија за шест години потрошила 110 милиони евра a нивното учество во БДП во 2014 година изнесувало 1.35%.

Кои поволности ги добиваат странските инвеститори?

Поволностите за странските инвеститори кои ќе решат да вложат во Слободните економски зони се групираат во четири групи: даночни ослободувања, царински ослободувања,  инфраструктурна логистика и субвенции.

Парцелата се дава под концесија до 99 години. Инвеститорите се ослободени од плаќање за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи. Во исто време тие не плаќаат приклучок за гасовод, водоводна и канализациона мрежа. Во зависност од бројот на вработени и вредноста на инвестицијата, Владата  учествува и во трошоците за градба на корисниците во ТИРЗ  во висина до 500 000 евра.

Инвеститорите што ќе отворат фабрика во некоја од Технолошко-индустриските развојни зони целосно се ослободени од Данокот на додадена вредност, односно стапката изнесува 0%. Во период од 10 години тие се ослободени и од данок на добивка и персоналец.

Сите инвеститори во слободните зони се дел од Царинскиот зелен канал – не плаќаат царини за увоз на суровини и за опрема.

Едно работно место во слободните зони чини 21.000 евра

Едно работно место во слободните зони значи 21.000 евра помалку пари во државниот буџет. Ова е заклучокот на Центарот за економски анализи кој направил пресметка за нето користа од странските инвеститори во периодот од 2007-та до 2014-та. До бројките дошле така што трошокот за директна и индиректна помош кој достигнал 56 милиони евра го поделиле со бројот на отворени работни места кој што во седумте компании кои функционираат таму е нешто над 3.000.

„Ако ги пренесеме тие трошоци на ниво на генерирани нови вработувања во овие компании, излегува дека едно ново вработување не чини 21.000 евра. Сепак, во периодот од 2007-та до 2014-та нето економските бенефити се позитивни за три од седум компании и изнесуваат околу 124 милиони евра. Позитивните ефекти од странските инвестиции се одложени, ги очекуваме во подоцнежните години“ објасни Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи при презентацијата на истражувањето.

Истражувањата покажале дека државната помош варира во зависност од висината на инвестицијата, но се движи помеѓу 7 до 47 отсто од вкупната вредност на инвестицијата.

Странските инвеститори даваат помали плати од домашните компании

Платата во слободните зони во просек е помала за речиси 100 евра во однос на примањата надвор од нив. Ова може да се заклучи од споредбената анализа на податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) и на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Според ДЗС просечната плата во Македонија во април 2016-та била 22.356 денари, а во преработувачката индустрија која преовладува во зоните била 16.604 денари. Од друга страна според СКМ просечниот месечен личен доход кај странските инвеститори е 16.143 денари ако се изземат примањата на менаџерите и раководителите.

„Оваа плата не може да се споредува со просечната плата на државно ниво туку со истите индустрии во и надвор од зоните. Тоа значи дека ако се направи споредба со индустриските сектори кои се вклучени во слободните зони, а тука влегуваат автомобилската индустрија, производство на компјутерски и електронски делови, хидраулични и гумени производи, може да се каже дека отстапувањето на платите во слободните економски зони е минимално во однос на просечната исплатена бруто плата на територија на Македонија“, изјави неодамна Марјан Стојановски од Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Во Центарот за економски анализи, пак, сметаат дека ниските плати се во колизија со високите технологии кои ги носат инвеститорите.

„Ниските плати кои во просек се под националниот просек се во судир со политиките кои декларираат дека привлекуваме високи технологии“, вели Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи.

 

Европската унија, поради политичката криза која предолго трае во Македонија, почна да воведува санкции, а како една од првите е суспендирањето на 27,1 милиони евра од ИПА фондовите.

Оваа мерка на Брисел, како што дознава телевизијата Алсат, доаѓа како контраодговор на недостигот на политичка волја за спроведување на Договорот од Пржино кој беше постигнат пред една година со посредство на ЕУ. Европската комисија испратила известување за првите санкции на властите во земјава на 22 јуни, што владини извори го потврдуваат, но не сакале да го коментираат износот.

Се позивесно е и дека и Вашингтон подготвил санкции против службени лица вмешани во евентуална корупција. Така во јавноста излезе информација дека на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, му била одбиена визата за патување во САД, но од американската амбасада во земјава не го коментираа случајот.

„Иако не можеме да ги коментираме личните барања за визи, борбата против корупцијата е еден од клучните приоритети на Владата на САД во Македонија и во целиот свет. Во согласност со претседателската изјава 7750, Стејт Департментот може да им забрани влез во САД на корумпирани функционери. Ние овие одлуки ги донесуваме по разгледувањето на информациите од многу извори“, соопштија од амбасадата во Скопје.

Од амбасадата на САД ги повикаа Владата, граѓанското општество и медиумите да продолжат да ги истражуваат имотите на високите функционери и да ги објавуваат доказите за можна корупција.

Во петокот евроамбасадорот Аиво Орав, придружуван од амбасадорите на земјите членки на Унијата порача дека Европската унија е загрижена поради политичката криза која наместо да се решава, се најде во ќор-сокак.

„Политичките лидери мора да се вклучат во отворен дијалог за решавање на политичката криза и партиите да се согласат како понатаму да се имплементира Пржинскиот договор“, порача во петокот евроамбасадорот Аиво Орав.

„Владеењето на правото е основа за силно демократско општество, а исто така важно е да се имплементираат реформските приоритети што ги предложи Европската комисија. Остануваме загрижени за проблемите со кои се соочува Специјалното јавно обвинителство при својата работа. Ги повикуваме сите тела, особено партиите кои се согласија да се воспостави СЈО, да престанат да го опструираат и да му дадат целосна поддршка“, порача евроамбасадорот.

Според него, политичките партии мора да договорат излез од политичката криза што поскоро, односно не за неколку недели или месеци, туку денови.

„Сите повторуваме дека Пржинскиот договор останува најдобар начин за земјата да излезе од актуелната криза. Во интерес на земјата и на нејзиниот евроатлантски пат е главните политички партии да договорат заеднички начин за излез од кризата во следните денови, а не во недели или месец“, рече Орав.

Три члено семејство од Ниш настрада во сообраќајка кај Градско. Возилото со кое се превезувале излетало од патот, се превртело и удрило во земјениот брег.

За среќа сите патници минале со лесни повреди. Сообраќајката се случила рано утринава на околу еден километар пред патарината Градско. Семејството патувало на летен одмор во Грција, а возачот на автомобилот вели дека иако управувал со пропишната брзина, во еден момент изгубил контрола над возилото.

За среќа сите минале со полесни повреди. Покрај ова возачот, неговата сопруга и 14 годишната ќерка се пренесени на преглед во велешката болница.

-Возилото почна да се движи во десно, удрив во рабникот а автомобилот почна да се врти неколку пати околу својата оска но за среќа јас  и челновите на моето семејство поминавме добро и немаме телесни повреди, вели возачот Саша Јовановиќ.

Во изминатите две години за време на летната сезона, на автопатот Велес –  Гевгелија животот го загубија шестмина, сите српски државјани. Утврдено е оти премореност била причината за овие несреќи.

Честите сообраќајки на оваа делница ги алармираа здравствените власти, па со цел да им се овозможи побрза интервенција на оние кои ќе имаат потреба од тоа, тимови на итната медицинска помош секојдневно ќе дежураат на автопатот.

Во само едно деноноќие, сообраќајката кај Градско е втора на автопатот Велес – Гевгелија.

Вчера рано наутро кај Неготино животот го загуби 55- годишен Србин. И тој со сопругата и трите малолетни деца патувал на одмор во Грција.

Од денеска за 17,2 процента ќе биде пониска цената за минута појдовен повик во роаминг помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. За 11,1 процент ќе се намали цената на СМС, а за 35,7 проценти на МB интернет.

Тоа ќе биде второ намалување согласно договорот на регулаторните тела на четирите држави, што стапи во сила во јули лани. 

Минатата година цената на минута појдовен повик во роаминг беше намалена за 73 проценти. Од денеска, како што информираат од македонската Агенција за електронски комуникации, за минута појдовен повик ќе се плаќа 14,8 денари. За следната година е предвидено намалување од 14,8 денари за минута за појдовен повик на 11,7 денари, или за 20,2 процента.

По минатогодишното намалување на цената за СМС во роаминг за 54,5 проценти, годинава таа се намалува од 5,6 денари на 4,9 денари, односно за 11,1 процент.

Лани цената за 1 MB интернет беше намалена за 90 проценти, а од денеска ќе биде пониска за 35,7 проценти. Еден МБ интернет во малопродажба наместо  43,2 денари ќе чини 27,8 денари. Во јули следната година, согласно договорот, цената ќе се намали на 12,3 денари, односно за 55,7 проценти.

Охридското Езеро е уникат во светот по многу нешта: едно од најстарите, тектонски формирано, со повеќе карстни извори и голема истека (Црн Дрим), бројни реликтни видови во него и др. Сепак, има едно езеро на „другиот крај“ на Земјата, во САД, помеѓу Калифорнија и Невада кое е неверојатно слично на Охридското Езеро.


Тоа е езерото Тахо (Tahoe), кое се наоѓа околу 120 km североисточно од градот Сакраменто во Калифорнија. 

Сличноста помеѓу двете езера е во многу нешта. Така, во однос на Охридското, езерото Тахое е само малку поголемо (490 km кв., наспроти 358 km кв.), нешто подлабоко (501 m наспроти 288 m), со слична форма (долго 35 km, широко 18 km и со брегова линија од 116 km наспроти 31 km, 15 km и 88 km соодветно кај Охридското). Двете езера имаат скоро иста старост (околу 2 милиони години), опколеност од двете страни (источна и западна) со планини, па дури и иста провидност (22 до 25 m) и секако, неверојатна природна убавина. Она што е интересно, што границата и припадноста на езерото Тахое кон Калифорнија и Невада се мошне слични со границата и припадноста на Охридското Езеро на Македонија и Албанија. Сличен е и распоредот на населбите, плажите, комуникациите и клифовите околу езерата. Има уште нешто што ги „поврзува“ двете езера. Имено, и двете имаат една поголема истека: Црн Дрим кај Охридското (истекува кон СЗ) и Траки Ривер кај Тахое (истекува кон СИ), а и двете реки на истекот од езерата имаат мали брани со кои се регулира истекувањето т.е. нивото на езерата. Климата кај двете езера е речиси идентична, така што просечните годишни врнежи се 700 mm кај Охридското до 800 mm кај Тахое, а просечните годишни температури на воздухот кај двете езера се околу 10-11 степени Целзиусови, со тоа што кај второто, континенталноста е многу поголема, а со тоа и температурните екстреми. На двете езера, туризмот е носечка стопанска гранка, со тоа што, разбирливо на Тахое е многу поразвиен, со сите елементи на зачувување на прекрасната природа.

Еден од преубавите заливи на Тахое со кристално бистра, синкасто-зеленикава вода


Сепак, помеѓу двете извонредно слични езера, има и некои значителни разлики. Така, Тахое се наоѓа доста повисоко, на 1897 m, во однос на Охридското кое е само на 693 m. Во конечното формирање на Тахое, големо влијание имала глацијацијата, додека кај Охридското, главно геотектониката и карстниот процес. Поради поголемата височина, постојат значајни разлики во вегетацијата околу езерото Тахое, водата е постудена, а капењето е можно само во месец август и тоа околу 10-15 дена.


Преубавата бистра вода на езерото Тахое


Како и да е, според нашите досегашни сознанија, Тахое по сите наведени карактеристики е најслично на Охридското Езеро (и обратно), што може да се види и од приложените фотографии.

Истека на езерото Тахое и формирање на Траки Ривер (слично на Црн Дрим кај Струга)


Оние што ги посетиле двете езера, можат да го потврдат (или можеби негираат) наведеното, со забелешка дека сепак, Охридското Езеро е едно и единствено.

Автор: д-р Ивица Милевски
Извор: ИгеоПортал

Пратениците од движењето Самоопределување во Парламентот на Косово во понеделникот вечерта поставија знаме на Албанија и табли со натписи “Република Косово” и “Добродојдовте” внатре во територијата на Црна Гора, во областа која, според нивно мислење, му е одземена на Косово во процесот на разграничување.

Полицијата ги отстрани поставените предмети и ознаки, толкувајќи го овој настан како пограничен инцидент за што и го извести Министерството за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора и побара од овој ресор проблемот да се реши по дипломатски пат.

Од косовското Самоопределување соопштија дека со сите средства ќе продолжат да се противат на наводното подарување на територија која и припаѓа на Косово.

Пратениците од повеќе опозициски партии од Приштина тврдат дека Црна Гора го оштетила Косово за 8000 метри квадратни територија.

Но, независна меѓународна стручна комисија, која беше побарана од доскорешната претседателка на Косово Атифете Јахјага, не утврди неправилности во процесот на разграничување.

Спогодбата за државната граница помеѓу Црна Гора и Косово е потпишана на 26 август минатата година во Виена по тригодишни преговори помеѓу двете земји.

Црногорскиот парламент минатата година ја ратификуваше спогодбата, но Собранието на Косово се уште ге нема сторено тоа.

 

Рускиот претседател Владимир Путин го попиша во четвртокот декретот за укинување на рестриктивните економски мерки во однос на Турција, и повторно на руските тур-оператори им дозволи продажба на туристички ангажмани во Турција, кои беа забранети од крајот на ланскиот ноември кога турските сили го соборија рускиот бомбардер на сириско-турската граница.

Како што објави службата на Кремљ за односи со јавност, рускито претседател ја задолжил владата да преземе мерки за укинување на забраната за чартер летови меѓу Русија и Турција.

Турција повеќе од половина година живее во вонредна состојба прогласена поради серијата напади започната од јули 2015 година кои им се припишуваат на екстремната сунитска организација Исламска држава и на курдските милитанти., поради што земјата бележи загрижувачки пад на туризмот. Бројот на странските гости во април годинава паднал за 28 отсто, што е најголемиот пад во изминатите 17 години.

На туристичкиот сектор и досега не му цутеа рози, имајќи ги предвид откажувањата на руските туристи кои минатата година оставиле во Турција околу четири милијарди долари, по конфликтот меѓу Москва и Анкара по ланското турско соборување на руски борбен авион во близина на сириската граница. Меѓутоа, сега се очекува брзо да се откажуваат веќе постигнатите аранжмани, имајќи предвид дека западните земји исто така ги предупредија своите граѓани за патувања во Турција поради опасност од терористички напади.

Владимир Путин во средата најави укинување на санкциите за Турција во областа на туризмот и нормализација на трговските односи меѓу двете земји, пои телефонскиот разговор со Реџеп Тајип Ердоган, со што заврши дипломатската криза во односите предизвикана од убиството на рускиот пилот на соборениот авион.

Подобрувањето на односите меѓу Москва и Анкара следуваше откако Кремљ објави во понеделникот дека го примило писмото од Ердоган за Путин во кое првиот се извинува за инцидентот, што беше еден од главните руски услови за симнување на санкциите, кои вклучуваа и забрана за увоз на прехранбени и земјоделски производи, одземање на лиценците за илјадниците турски бизнисмени и работници кои работеа во Русија итн.

МЕПСО го изгради и денеска го стави под напон, во пробна работа, новиот 110 kV (киловолтен) далекувод што ги поврзува трансформаторските станици: „Скопје 1“ – „Југохром“ – „Теарце“ – „Тетово 1“.

Oвој проект стратешки и системски е од круцијално значење за националната преносна мрежа затоа што овозможува стабилно и доверливо снабдување со електрична енергија на тетовскиот и на скопскиот регион, две најголеми конзумни подрачја во електроенергетскиот систем на Република Македонија.

-Новиот далекувод е изграден со цел да се одговори на растечките потреби за потрошувачка на електрична енергија на полошкиот регион и да се обезбеди стабилно и доверливо снабдување на сите потрошувачи со квалитетна електрична енергија за среднорочен период во идните дваесетина години, истакна м-р Синиша Спасов, генерален директор на МЕПСО.

Оваа инвестиција на МЕПСО надминува 3,5 милиони евра. Проектот е финансиран од сопствени средства на МЕПСО и со кредитна линија од Светска банка. Новиот далекувод ќе го замени постоечкиот што беше во функција подолго од 60 години кој беше поставен на армирани-бетонски столбови.

Сега сите армирано-бетонски столбови се заменети со нови челично-решеткасти столбови. Дел од столбовите се на постоечката траса на која и досега постоеше 110 kV далекувод, а дел се изградени на нова траса. Далекуводот има вкупно 187 столбни места, а ново изградени се 158 челично-решеткасти столбови. Вкупната должина на далекуводот што ги поврзува трансформаторските станици „Скопје 1“, „Југохром“, „Теарце“ и „Тетово 1“ е 48 километри. Изградбата на далекуводот траеше 1 година.

Овој проект опфати поставување на нови далекуводни столбови, нови спроводници за пренос на електрична енергија, изолатори, овесна и спојна опрема. Воедно, во рамки на овој проект извршени се прилагодувања во сите трансформаторски станици што ги поврзува овој линиски енергетски објект при што е поставена потребна современапримарна и секундарна високонапонска опрема.

Најзначни промени и модернизација беше извршена во трансформаторската станица „Југохром“ каде што , во рамки на овој проект, во целост е модернизиран собирничкиот систем на 110 kV напонско ниво.

Апелираме, месното население кое гравитира околу трасата на далекуводот строго да се придржува до поставената сигнализацијата за предупредување од опасност поставена на далекуводните столбови. Со цел зачувување на безбедноста при изведување на какви било земјоделски работи или градежни активности во близина на далекуводот. Далекуводот поминува низ териториите на општините: Бутел, Чучер – Сандево, Шуто Оризари, Карпош, Ѓорче Петров, Јегуновце и Тетово.

Од денеска функционира новиот виртуелен мобилен оператор „Лајкамобајл“. Ќе го користи предзнакот 079 и досега има добиено 175 илјади броеви.

Агенцијата за електронски комуникации го одобрила стандардниот претплатнички договор, а веќе се завршени и тестирањата за преносливост на броевите.

По спојувањето на ВИП и ОНЕ тие имаа обврска да обезбедат влез на виртуелен мобилен оператор што сега се реализира.

„Лајкамобајл“ е специјализирана за меѓународни разговори и работи во 18 земји.

Top