Aнтонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и еден од учесниците на вчерашните разговори, на Фејсбук напиша дека „договор за нов закон за обвинителство можеби и ќе се постигнеше доколку премиерот Заев не беше толку нервозен во врска со предметот „Рекет”.

 

Избледените и незабележителни бели линии на пешачките премини, какви што има насекаде низ Скопје, честопати се причина за несреќи. Локалното население знае каде се наоѓаат тие премини и таму ја поминува улицата преку невидливите зебри, но возачите што не ја познаваат улицата, а возат брзо, не ги забележуваат зебрите, не ја намалуваат брзината и тогаш пешаците се во опасност. Затоа, на Скопје му е неопходно ново боење на пешачките премини речиси на сите улици.

Она што се прашуваат и сега го коментираат граѓаните е до кога ќе биде забележлива и оддалеку воочлива белата боја на новообележаните сообраќајници и на новоасфалтираните улици, со новите бои. Исто така прашуваат зошто за кратко време свежо обележените сообраќајници добиваат избледени пешачки премини, дали можеби тоа зависи од фреквенцијата на сообраќај или можеби се избира неквалитетна боја. Се поставува и прашањето дали за изборот на бојата се консултираат со надворешни соработници или, пак, за тоа одлучуваат градот и јавното претпријатие „Улици и патишта“. Како што е познато, бележењето на хоризонталната и вертикалната сообраќајна сигнализација се прават во согласност со годишната програма, која ја носат градските советници.

– Не можев да се изначудам кога забележав дека на булеварот Партизански одреди пешачки премин се премачкуваше со мрсна боја. Се запрашав дали е ова можно, се прави ли некаква импровизација или, пак, се користи сѐ што може да помине на тендери. Се прашувам има ли правило со каква боја се премачкуваат пешачките премини, а со каква пак полните и испрекинатите линии, дали тие правила ги одредува градот или, пак, стручни лица во соодветното претпријатие што ги изведува овие работи – вели жител на општината Карпош.

На нашите прашања и ова на граѓанинот дали со мрсна боја може да се обележуваат пешачките премини од градот не добивме одговор.

– Бележењето на хоризонталната и вертикалната сообраќајна сигнализација се прави во согласност со годишната програма, која ја носи Советот на градот Скопје, а истата таа се спроведува од страна на ЈП „Улици и патишта“. За повеќе информации од технички карактер, обратете се во претпријатието – ни рекоа од Одделението за односи со јавноста и информации за граѓаните на градот Скопје.

Од претпријатието, пак, задолжени за реконструкција и обележувањето на сообраќајниците потврдија дека нивен налогодавец за работа е градот.

– Јавното претпријатие „Улици и патишта“ – Скопје работи по налог на градот Скопје, а е во постојана соработка со другите јавни претпријатија, така што за квалитетот на бојата се одлучува преку консултација на стручните лица однадвор. Изборот на бојата зависи од фреквентноста на сообраќајот на одредените сообраќајници. При обележувањето на хоризонталната сигнализација на градските сообраќајници се користи акрилна боја – вели Ана Николовска, одговорна за односи со јавност во ЈП „Улици и патишта“.

Ако експерти одлучуваат за квалитетот на бојата и тие не се вработени во претпријатието, туку надворешни лица што си ја знаат работата, тогаш се поставува прашањето зошто белата боја по градските сообраќајници многу брзо избледува. Дали Скопје има огромна сообраќајна фреквенција или можеби повторно е во прашање избраната боја? Може ли да послужат странските искуства, се прашуваат многумина.

Извор: skopjeinfo.mk

Евгениј Поп Ацев трет пат во кариерата заврши како прв во генералниот пласман во Ултра-серијата на ФИНА, во далечинско пливање.

Поп Ацев неодамна во Охрид го освои второто место, а со третата позиција во Неапол тој си ја обезбеди титулата. Претходно Македонецот беше најдобар во 2015 и 2017 година.

По големиот успех на Поп Ацев на социјалните мрежи се огласи неговиот брат Дарко, кој потенцира дека Евгениј не добива помош од државата и неговите успеси не се испратени на ниту една од националните телевизии.

„Дечково е три пати победник на Светската серија на Ултра маратони. Успех не доволно вреден да се спомне на ниту една национални телевизија, успех не препознаен од ниедна фирма, успех недоволен за да има барем некаква помош од државата…од држата чии бои ги брани и повеќе од достојно ја претставува. Кој не осетил и не видел не знае колку пот и одрекувања се тоа. Е овој дечко, сам си плаќа кај и да оди да ја претставува земјата а нема ниту еден ден работен стаж, здравствено и пензиско осигурување. Зошто? Зошто реши да плива за Македонија. И како што го дал Господ го прави тоа без никаква помпа одбивајќи понуда да плива за друга земја. Искрено, ти се восхитувам на честа, скромноста и истрајноста. Добри спортисти има многу, ама добри луѓе како тебе се малку а ти си еден од нив. Честитки голем човеку!“, напиша Дарко Поп Ацев.

Поврзана слика

На првиот канал на германската државна телевизија беше објавена репортажа од најголемиот затвор во државава - скопски „Идризово“ во која главен акцент е ставен на нехуманите услови за затворениците.

„Умирам од глад. Како да штрајкувам со глад. Умирам од глад“, вели затвореникот Џеладин за германската телевизија, а репортерот на „АРД“ додава дека Џеладин за ручек добива по една мала паштета и салата и „секоја вечер оди гладен и жеден во кревет“.

Џеладин бил осуден за кражба и измама, а долго време живеел во Германија каде што исто така бил во затвор.

„Павилјонот А во затворот Идризово во близина на Скопје е озлогласен. Тука се сместени тешки криминалци. Убијци, дилери на дрога, силувачи - во многу лоши услови. Мажите живеат во големи простории, кои си ги одвоиле со кревети и ќебиња во мали ќелии. Десет до 20 мажи делат една просторија“.

 

„Гипсот се распаѓа од ѕидовите кои се речиси соголени. Во тоалетите смрди, а подот открива влага. Затворениците се разбеснуваат кога раскажуваат за условите: 'Тука не можете ни на шолја да седнете. Изметот цело време паѓа од горе долу“, пишува АРД.

Германската телевизија оценува дека затворот е лошо организиран и пренатрупан, а ситуацијата е во најмала рака нехумана. Инаку, состојбата во затворите во државава беше критикувана во извештајот на Советот на Европа пред три години, со посебен акцент на Идризово.

Сепак, од „АРД“ исто така додаваат дека ситуацијата е подобрена со амнестирањето на 800 затвореници пред една година, како и со тоа што околу 3 илјади затвореници добија намалување на казните.

Меѓу другото, затворот Идризово доби два нови објекти, а за четири години се планираат и уште неколку дополнителни објекти. Во новите одделенија се сместени затворениците со помали казни, а голем проблем е тоа што кога станува збор за осудените на повисоки затворски казни, на нив им е забрането да престојуваат во отвореното одделение.

 

Васка Бајрамовска Мустафа која ја следи состојбата во затворите во канцеларијата на Народниот правобранител, смета дека не разбира зошто се градат нови згради додека старите се распаѓаат.

„Не е едноставно да се доведат во ред стари и руинирани објекти. Но кога не можат да се исполнат меѓународните стандарди, не смее да се дозволи таму каде што се сместуваат затворениците да нема ни минимум стандарди под секакво човечко достоинство. А во дел од затворот Идризово тоа е секако случај“, вели Мустафа.

„Џеладин привршува со издржување на казната во Идризово. На заминување раскажува што најмногу го погодило во затворот. Тука не смееш да се разболиш. Никого тоа не го интересира. Дали ќе добиеш напад на слепо црево или ќе ослепиш или едноставно ти треба апче. Такво нешто нема тука“, пренесува „АРД“.

Електричните тротинети требаше да придонесат во еколошкиот сообраќај во градовите, но се чини дека веќе станаа проблем.

Електричните тротинети се размножија на улиците во поголемите градови ширум светот, а нивната популарност е голема и во Македонија. Сепак, според Германската агенција за заштита на околината "UBA", ова преводно средство малку придонесува кога станува збор за еколошкиот превоз.

„Патот кој го минуваат е обично краток и многу лесно може да се помине пешки, со автобус, железница или велосипед“, вели претседателката на "UBA", Марија Крауцберге.

 

Таа смета дека електричните автомобили најмногу треба да се користат во предградијата: „Има смисол таму побрзо да се минува поголема оддалеченост до автобусите или железницата со електричен тротинет, наместо со автомобил“.

И од министерството за сообраќај на Германија го делат истото мислење: „Електричните минивозила треба да сообраќаат во предградијата“.

На тој начин, Германците сметаат дека електричните тротинети би имале улога во првиот и последниот километар од превозот на патниците. Според документот на "UBA" објавен во вторникот „користењето на електричните тротинети наместо пешачењето или возењето на велосипед е лошо за околината и здравјето“.

Според германската агенција електричните тротинети би биле корисни само ако го истиснат автомобилот, но додаваат дека тоа е случај кај само мал дел од корисниците.

Податоците од Берлин покажуваат дека електричните тротинети се користат на делници со просечна далечина од околу два километри. Истражувањето во Париз покажало дека луѓето кога не би имале електричен тротинет, во 85% од случаите таа делница би ја поминале пешки, со велосипед или со користење на јавен превоз.

Комуналните работници под скопското Кале фатиле група на луѓе кои што палеле кабли, објавија од Инспекторатот на Град Скопје.

Раководителот на Инспекторатот на Град Скопје, Мирослав Богдановски на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави фотографии од сторителите кои што, како што вели Богдановски биле соодветно казнети.

Во околината на Скопје палењето на кабли е честа пракса - каблите се палат за потоа да бидат продадени за старо железо. Сепак, и покрај зајакнати контроли, сторителите ретко се фаќаат и казнуваат, иако со своето крајно несовесно однесување го загадуваат воздухот, а можат да предизвикаат и пожар.

Од Пожарна Скопје исто така се огласија на социјалните мрежи и го пофалија Инспекторатот.

МИНИ и МАКСИ е новиот инстант лоз на Државна лотарија, кој нуди 10 автомобили BMW X1  и  5 автомобили MINI ONE, Државна лотарија ја продолжува низата на инстант лозови каде главна премија се автомобили. Овој пат во игра се два типа автомобили  BMW X1 и MINI ONE.

Играта е едноставна а исто времено и динамична. Во 9те полиња за гребење треба да се откријат три исти симболи на BMW X1 или три исти симболи на MINI ONE, за добивка автомобил. Или пак три исти износи за парична добивка.

Покрај автомобилите, лозот нуди и 20 добивки по 50.000 денари  и други парични добивки.

Ве покануваме, да не ги одминувате среќните места на Државна лотарија, да го побарате новиот лоз МИНИ И МАКСИ кој за МИНИ инвестиција од 80 денари може да ви донесе МАКСИ добивка и максимум адреналин.

Воедно, ве поттикнуваме да подарите можност за СРЕЌА ПЛУС и во вашите планови за подарување да го вклучите и инстант лозот МИНИ И МАКСИ со кој може покрај возбуда и забава, да подарите автомобил или вредна парична добивка.

Ларис Гајсер, новинар од италијанскиот весник „La Verita“ кој ја обелодени снимката од разговори на сега веќе обвинетите во аферата „Рекет“ вели дека поседува уште материјали и дека новостите ќе ги објави доколку македонските истражни органи не ја завршат својата работа како што треба.

Гајсер за „Tanjung“ изјавил дека материјалите кои ја докажуваат аферата ги објавил бидејќи добил потврда дека истите ги поседува и македонското обвинителство и дека постои сомнеж за нивно уништување.

„Бев против објавување на такви информации со кои што располагавме, сè додека не се уверив дека истите материјали ги поседува и правосудниот систем во Северна Македонија. Тогаш, во „La verita“ одлучивме да ги објавиме за да покажеме дека правниот систем таму ништо не работи и дека веројатно ги бришат доказите“ - истакнал Гајсер кој веројатно и благодарение на улогата во разоткривање на „Рекет“ добил покана за учество на Бледскиот стратешки форум.

 

На прашањето како воопшто дошол до снимките на компромитираните разговори тој изјавил дека за тоа може да се заблагодари на широката мрежа на контакти кои ги стекнал во Северна Македонија, но и дека својот извор не може, а воедно и не сака да го разоткрие: „Добив материјали од извор кој е дел од македонската администрација“ - изјавил тој.

На прашањето дека оваа афера е секако штетна за актуелната македонска влада на премиерот Зоран Заев и дека е многу слична со аферата на прислушкуваните разговори со кои ја бркаа поранешната влада на Никола Груевски, а која ја објави токму премиерот Зоран Заев, тој истакнува дека разликата на овие два случаи е многу значајна.

Гајсер: „Огромна разлика во аферата со „прислушкување на Груевски“ и „Рекет“

„Разликата е во тоа што ние објавуваме докази кои сме ги добиле одвнатре, од систем од Македонија, од луѓето кои се дел од тој систем, додека пак од времето на Груевски стануваше збор за меѓународен случај на масовно прислушкување на разузнавачките служби во Северна Македонија кои му ги дале материјалите на Зоран Заев да ги објави во јавноста“ - објаснува новинарот од „La verita“.

 

Гајсер наведува дека поседува уште материјали поврзани со случајот „Рекет“, но дека во овој момент не може да ги објави затоа што стравува за безбедноста на својот извор.

„Објавување на материјали кои покажуваат како системот и правосудството се заглавени во корупција во Северна Македонија сигурно дека ќе ги стави нечии животи во опасност“ - вели тој.

Гајсер смета дека досега е објавено доволно материјал кој може да помогне да се продолжи со истрагата за да се дојде до нејзино конечно разрешување.

„Доколку тоа не биде доволно тогаш ние имаме уште материјал кој ќе го објавиме“ - вели тој.

Само што се смирила вербалната војна меѓу бразилскиот претседател Жаир Болсонаро и претседателот на Франција Емануел Макрон, новиот британски министер за туризам повторно додал масло на огнот. И тоа побрутално и попростачки од самиот Болсонаро.

Ренцо Гарсија, поранешен ММА борец и нов член на бразилската влада задолжен за туризам, рекол дека Макрон е "кловн" и се заканил дека ќе го загуши. 

"Единствениот пожар кој се случува е пожарот во бразилските срца и срцето на нашиот претседател, кловну", рекол Гарсија во видео снимка пратена до Макрон, или Микрон, како што го нарекол.

"Дојди тука! Ќе те фатам за врат, за тој пилешки врат. Нема да ме измамиш", беснеел Гарсија.

Откако било објавено видеото, бразилскиот новинар Адриано Вилксон му се јавил на министерот. Ако очекувал одмерена изјава, сигурно бил разочаран.

"Луѓето ќе мислат дека го нареков пиле бидејќи сакам да ја доведам неговата машкост во прашање, но сум видел многу хомосексуалци кои се помажествени од овој имбецил", рекол Гарсија, пред да започне да ја напаѓа сопругата на Макрон, Брижит.

"Ќе ви поставам едно прашање. Дали е грозна или убава? Дали би биле со неа? Фактот што Макрон спие со змеј не го прави познавач на огнот. Грда е човеку", рекол министерот.

Потсетуваме, бразилскиот претседател Жаир Болсонаро неодамна исто така ја навредил Брижит Макрон, потсетувајќи на нејзините години и фактот што е 24 години постара од својот сопруг. На тоа претходеле критиките од Макрон на сметка на Болсонаро поради пожарите во Амазонија.

Откако Борис Џонсон го изгубил мнозинството во британскиот парламент, пратениците со 328 гласа за и 301 против одлучиле дека планот за излегување од ЕУ на премиерот Џонсон на 31-ви октомври е незаконски.

Британскиот парламент изгласал започнување на процедура за забрана на Брегзит без договор. Со тоа се отвора пат за парламентарни избори. 

Пратениците во голем број истакнале дека сакаат расправа за законот според кој Брегзит на 31-ви октомври е противзаконски освен ако не биде изгласан договор за излегување од членството на ЕУ со Брисел. Парламентот за одложување на Брегзит, односно за излегување од ЕУ без договор ќе се изјасни во среда.

Борис Џонсон бил видно незадоволен, велејќи дека ни тој, ни јавноста, не сакаат избори.

"Мора да направиме избор. Но народот ќе мора да избере кој ќе оди во Брисел ова да го среди. Ако пратениците гласаат преговорите да се стопираат, единствен следен чекор се избори. Ова значи само понатамошно одложување и конфузија", рекол тој.

Џереми Корбин истакнал дека нема мнозинство кое би одобрило Брегзит без договор.

"Доколку премиерот сака Брегзит без договор, мора прво да донесе закон за тоа", рекол тој.

Претходно претседателот на Долниот дом на британскиот парламент - Претставничкиот дом, Џон Беркоу, одобрил вонредна расправа за Брегзит која ја предложиле пратениците кои се обидуваат да пронајдат начин за избегнување на излегување на земјата од ЕУ без договор.

Расправата траела околу три часа, по што пратениците гласале дали во среда ќе се изјаснат за закон со кој премиерот Борис Џонсон бил принуден за три месеци да го одложи Брегзит кој бил планиран за 31-ви октомври.

"Тоа е нашата последна шанса да го искористиме ова", рекол лидерот на опозициската Лабуристичка партија Џереми Корибн на почетокот на расправата.

 
Top