Kако Путин го понижи Асад сред Сирија

Во прилично понижувачкиот момент за претседател на една држава, руските војници вчера сред Сирија му го попречиле патот на Башар ал-Асад, кога тргнал по рускиот претседател Владимир Путин за време на воениот поздрав.

Потсетуваме, Путин во понеделникот дошол во ненајавена посета на Сирија, а вчера во руската база во покраината Латакија имал смотра со војниците, каде им честитал на победата против терористите на ИСИС и наредил повлекување на поголем дел од руските сили од таа држава. 

Како и во неодамнешната посета на Москва, Асад не го криел своето воодушевување при средбата со Путин, прегрнувајќи го при средбата пред камерите, откако рускиот претседател се симнал од авионот.

Но, само неколку моменти подоцна, кога Путин тргнал да се сретне со своите војници, Асад тргнал по него - но, не стигнал далеку. Еден од руските војници кои го окружувале веднаш му го блокирал патот со рака, и судејќи по снимката, му дал до знаење дека не може да продолжи со Путин.

Асад со својот гест му дал до знаење дека ја сфаќа наредбата и послушно останал на место, додека Путин продолжува да оди кон рускиот војник. Судејќи по снимката, сириски војници нема никаде во близина. Треба да се истакне уште еднаш, ова се случува во Сирија, земја во која Асад е на власт од 2000-тата година, пишува Daily Mail.

 

Русија е клучен сојузник на сирискиот режим, а нејзината воена интервенција во таа земја била пресуден фактор во пресвртот во граѓанската војна која трае од 2011-тата година, и во која биле убиени 400.000 луѓе.

Москва, која во Сирија започнала воена акција во септември 2015-тата година, официјално пратила помеѓу 4 и 5 илјади војници. Меѓутоа, независните аналитичари проценуваат дека тој број во реалност е многу повисок и тврдат дека значителен дел од руските сили во Сирија се платеници - иако Москва ги демантира таквите тврдења и со закон им забранува на своите граѓани да се борат како платеници. Бројот на руски жртви во војната веројатно е значително поголем од официјалната бројка од 40 загинати војници.

 

Како и да е, Русија судејќи по сè, ја остварила својата мисија - го спасила својот сојузник во Дамаск и го зацементирала своето доминантно влијание, додека во исто време американското влијание е сè послабо во поширокиот регион. Асад номинално и натаму останува на власт, но неговиот режим во целост зависи од Москва, како и од Техеран. А оваа снимка ја оцртува таа рамнотежа на силите.