Падна референдумот во Италија, падна Ренци - што сега? Три можни сценарија за Италија
Најавената оставка на италијанскиот премиер Матео Ренци по неуспешниот референдум за уставната реформа, означува почеток на нестабилност во италијанската политика, а сега на потег е италијанскиот претседател Серџо Матарела.

Постојат три можни сценарија за понатамошен развој на ситуацијата, анализира AFP.

Според првото, Ренци по последниот состанок со својот кабинет денес ќе го посети Матарела, кој од него би можел да побара да формира нова влада. Теоретски, парламентот би можел да изгласа доверба за Ренци или со актуелното мнозинство или со ново, вклучувајќи ја партијата "Напред Италија" на Силвио Берлускони. Меѓутоа, на прес конференцијата вчера по објавувањето на резултатите од референдумот се стекнал впечаток дека Ренци ја исклучува таа можност

"Моето искуство со владеење завршува тука", рекол тој обраќајќи се до јавноста по објавувањето на прелиминарните неофицијални резултати од референдумот, според кои "против" уставните реформи гласале помеѓу 57 и 61 процент од гласачите, додека "за" гласале помеѓу 39 и 41 процент. Толку убедлив резултат го прави враќањето на Ренци малку веројатно, оценува AFP.


Друга опција би било именување на технократска влада, што според оценката на AFP е најверојатното сценарио. Тоа значи дека Матарела би именувал претседател на владата со поддршка на актуелното или ново проширено мнозинство. Меѓу имињата кои циркулираат се министерот за финансии Пјер Карло Падоан и претседателот на Сенатот Пјетро Грасо.


Преодната влада би имала задача да усвои буџет за 2017. година и да го предаде во парламентот на гласање, како и да модифицира нов изборен закон пред следните избори. Преодниот премиер исто така би можел да одлучи да продолжи со работа до крајот на актуелниот мандат на парламентот во февруари 2018. година, што би било многу непопуларен потег, посебно меѓу политичките движења како "Пет ѕвезди", кои бараат вонредни избори

Третата опција би се однесувала на итно распуштање на парламентот, што, како што наведува AFP, е малку веројатна. Неодамнешната изборна реформа имала за цел да обезбеди водечката партија да има парламентарно мнозинство во Домот на пратеници, додека неуспехот на уставните реформи на Сенатот значи дека неговите членови ќе продолжат да се избираат според пропорционалниот систем, со што парламентарно мнозинство е речиси невозможно

Популистичкото движење "Пет ѕвезди" и лидерот и основач Бепе Грила барал изборите да се одржат за една недела, верувајќи дека изборниот закон би можел да се измени во Сенатот доколку биде потребно, за да биде поускладен со тој во Домот на пратеници.

На крајот претседателот Матарела ќе биде тој што ќе одлучува за непосредната иднина на Италија и ќе обезбеди мнозинство за формирање на технократска влада, доколку сака да избегне предвремени избори следната година, сметаат многу аналитичари.


На другиот крај од светот, по подот на референдумот и најавената оставка на Ренци, акциите на Токиската берза се во пад.

Италијанските медиуми денес на првите страни едногласно истакнале дека никој не очекувал волку надмоќна победа на "не" на референдумот. Corriere Dela Serra пишува дека победил бранот на опцијата "не", Republica пишува дека станува збор за триумф на опцијата против додека Fato оценува дека "Уставот го победил Ренци со 59 наспроти 41".

Top