Русија го продолжи ембаргото на увозот на храна од ЕУ до крајот на 2017

Рускиот претседател Владимир Путин го потпиша во средата указот со кој се продолжува ембаргото на увозот на храна и земјоделски продукти од Европската унија до крајот на следната 2017 година.

Русија во 2014 година го забрани увозот на земјоделски и прехранбени производи од Европската унија, како и САД и други западни држави кои претходно воведоа санкции против неа поради нејзината наводна улога во украинскиот конфликт.

Со ембаргото се опфатени голем број производи, како млеко и месо, и производи од нив, риба и морски плодови, овошје, зеленчук, што за европските производители предизвикува штети од неколку десетици милијарди евра годишно.

Минатата седмица амбасадорите на 28-те земји членки на ЕУ одлучија да ги продолжат санкциите против Русија за уште шест месеци, односно до крајот на 2016 година, и тие се однесуваат на личности на кои им е замрзнат имотот на Запад и им се забрането патување во земјите на Унијата, како и на банки, нафтени и претпријатија од одбранбената сфера, што, исто така, доведе до пад на руската економија.

Претходно седмицава рускиот премиер Дмитриј Медведев, коментирајќи го продолжувањето на ембаргото истакна дека на таков чекор неговата влада повеќепати била повикувана од страна на домашните производители.

Притоа Медведев ги повика руските производители и претприемачи да не губат време, и поактивно да ги користат можностите за развој на потенцијалите со кои ќе ги надоместат на домашниот пазар странските продукти, како и да ги прошират извосните капацитети.

Поранешниот руски министер за финансии Алексеј Кудрин за агенцијата РИА неодамна изјави дека продолжувањето на ембаргото нема да влијае врз односите на руските и меѓународните пазари, имајќи предвид дека рестриктивните мерки се на сила веќе две години.

Top