На Саркози му се заканува робија поради Гадафи: Земал десетина милиони евра од либискиот лидер

Истрагата која трае речиси една деценија против поранешниот француски претседател Никола Саркози, поради обвинението дека Миуамер ел Гадафи ја финансирал неговата предизборна кампања во 2007-ма година, се приведува кон крајот, а ако биде осуден, на некогашниот прв човек на Франција му се заканува казна од десет години затвор.

Сакрози, кој се товари дека добил милиони евра од поранешниот либиски лидер и неговото окружение во 2005-та година, за подготовка на кампања за избори во 2007-ма година, на кои победил, минатата недела бил сослушан од парискиот суд откако биле одбиени сите негови жалби. 

Доколку се утврди вина, Саркози би можел да биде казнет со десет години затвор, милион евра глоба и пет години загуба на правото да бира и да биде избран. Судскиот процес би требало да биде одржан меѓу 23-ти ноември и 10-ти декември.

Тешко е да се каже каква ќе биде конечната пресуда, меѓутоа, досега истрагата отишла доволно далеку и доколку почне судењето, Никола Саркози ќе биде првиот француски претседател на кој ќе му се суди за корупција.

Пред Саркози судено му е и на екс претседателот Жак Ширак, но тој бил обвинет по друг основ, за неправилно користење на јавните фондови.

Доволна илустрација за тоа колку француското правосудство сериозно го сфатило случајот на Саркози е тоа дека минатата година двајца француски судии заминале во Триполи каде "очи во очи " го испитувале поранешниот шеф на разузнавачките служби и зет на Гадафи, Мухамед Албудах Сенуси.

 

Поранешниот амбасадор на Србија во Египет, Драган Бисениќ, вели дека поранешни либиски службеници го отвориле овој случај изнесувајќи обвиненија против францускиот претседател. По француската силна поддршка на бомбардирањето на Либија во 2011-та година и акциите на НАТО, каде, може да се каже, Франција била предводник во тие барања, синот на Гадафи, Саиф, јавно побарал на либискиот народ да му се вратат 50 милиони евра, кои неговиот татко му ги дал на Саркози за претседателската кампања. Од тогаш бројни либиски службеници се појавиле како сведоци на овие наводни трансакции, а во меѓувреме се појавиле и документи кои сето тоа го докажувале.

Еден таков документ објавил сајтот "Mediapart", чиј главен уредник бил уредникот на угледниот француски дневник "Le Monde", кој располага со најмногу документирани изјави и докази за своите тврдења.

Еден од најсериозните моменти во истрагата се случил во 2014-та година, кога француската полиција дошла во посед на дневникот на поранешниот либиски министер за нафта Шукри Генем, во кој се наведени исплати на луѓе на францускиот претседател. Кратко Генем бил пронајден удавен во Дунав во Австрија, а неговата смрт била донесена во врска со оваа истрага.

Во меѓувреме, се појавиле и аудио-интервјуа со Гадафи кои биле водени пред неговата ликвидација во која зборува за исплаќањето на Саркози и неговите луѓе.

Под истрага е и поранешниот шеф на кабинетот на Саркози, Клод Геан и неговиот син поради вмешаност во овие трансакции, а наводно Геан во една прилика ја примил првата исплата од два и пол милиони евра, која му ја предал Салех Башир, близок човек на Гадафи.

"Башир зборуваше, во некоја анегдотска смисла, дека тој куфер во кој тој предал два и пол милиони евра во кеш не можел ни да се затвори како што треба. Во секој случај, ова е еден куриозитет и необичен случај кој може на еден друг начин да го претстави односот на Западот, првенствено на Франција, кон интервенцијата против Гадафи во Либија во 2011-та година", смета Бисениќ.

На прашањето дали парите кои Гадафи му ги дал на Саркози можат да бидат вратени во Либија доколку поранешниот француски претседател биде осуден, Бисениќ одговара дека во тој случај сегашната, легална либиска влада во Триполи теоретски би можела да побара враќање на парите.

Top